Османи од Софија: Да го прекинеме циклусот на провокации и насилство од двете страни

0
245

Министерот за надворешни работи Бујар Османи со неговиот бугарски колега Николај Милков денеска во болница во Софија го посетија секретарот на бугарскиот клуб „Борис Трети“ во Охрид, кој беше нападнат и повреден а потоа со бугарски владин авион пренесен на лекување во Софија.

По посетата, Милков кажа дека во Македонија се враќаат црни традиции на палење, стрелање и насилство, по што, според него, е историски позната Македонија. Тој рече и дека во Македонија има атмосфера на неказнивост на насилство.

-Момчето настрада заради своите идеи. Еден маж со кауза која што ја застапува. Ситуацијата не треба да продолжи на овој начин. Треба да се стави крај на атмосферата на неказнивост која што раѓа и ново насилство. Тука сум да кажам ‘не’ на враќањето на тие црни традиции кои што се врзуваат историски за Македонија, на палење, на стрелање, на насилство врз луѓе. За такво нешто нема место во Европа“, изјави Милков, додека Османи стоеше до него.

Османи не рече ништо за ваквите обвинувања од бугарскиот колега и кажа дека во Македонија ќе има нула толеранција за насилство и зборуваше за позитивна агенда на двете влади.

-Таквиот чин на насилство не ги одразува вредностите на граѓаните на Република Северна Македонија, на нашето мултиетничко општество и Северна Македонија ќе се погрижи да има нула толеранција за насилство како одговор на било кој проблем, а најмалку на меѓуетничкиот соживот што е нешто свето што го градиме во последните 30 години во Северна Македонија и државата ќе се погрижи да се создаде таква атмосфера на нула толеранција на насилство како одговор на било кој проблем, а најмалку на меѓуетничкиот соживот, рече Османи.

Тој порача дека најважната порака што сака да ја упати е дека нема да нема да дозволиме како две влади провокатори и насилници да ни ја киднапираат таа агенда.

-Затоа сум дојден тука, да ја испратам таа порака – дека ние градиме добри односи со Бугарија, ја гледаме иднината во блиска соработка и партнерство со Бугарија, и било кој провокатор, дали е тоа политичар од Бугарија или од Северна Македонија, дали е тоа насилникот од Охрид или од било каде, нема да дозволиме тие да ни ја диктираат агендата. Бугарската заедница е и ќе биде почитувана заедница во Република Северна Македонија, ќе ги имаат сите права, слободи, и привилегии како и секој друг граѓанин и секоја друга заедница, и заедно со другите ќе живеат подеднакво слободни, рече Османи.