(ВИДЕО) Свети Ѓорѓи Победоносец во Рајчица се возобновува во полн блесок

0
600

Познатиот манатир посветен на Св.Ѓорѓи Победоносец во Рајчица, полека го добива својот сјај. Во тек е возобновувањето на овој стар манастирски комплекс каде веќе се одвива фазата на реконструкција на куполата на оваа стара црква која датира од 14 век.

Сепак точната година на изградба на манастирските конаци и црква е 1835 година во времето кога игумен на Бигорскиот манастир бил архимандритот Арсениј од Галичник.

Во минатото, метохот на Свети Ѓорѓи функционирал како стопански дел на Бигорскиот манастир. Бил мошне богат и поседувал големи манастирски имоти, ниви и лозја. Овде се произведувале многу производи за потребите на Бигорскиот манастир. Низ годините, неколку пати бил напаѓан и рушен, но сепак грижата на игумените на Бигорската обител постојано го обновувала и одржувала овој метох. Најзаслужен ктитор, одговорен за неговата обнова е игумен Арсениј, под чие раководство била подигната денешната црква во 1835 година, а изградена врз темели на уште постара црква од XVI век.

До 2000 година, од некогашниот метох на Бигорскиот манастир, опстојувала само црквата „Св. Ѓорѓи“, како и стопански згради во урнатини, кои се користеле за сместување сено.

Со помош на самата Дебарско-кичевска епархија и големата финансиска помош на благородни организации, фондови и несебична помош на православните христијани од сите краишта од Македонија и надвор од неа, манастирот добил нови конаци, камбанарија и други помошни објекти. Во 2001 година се извршило осветување на новите објекти и започнал монашки живот.