(ВИДЕО) Пендаровски бара на Џамбаски и уште неколкумина бугарски државјани да им се забрани влез во земјата

Во Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија денеска се одржа 18-та седница на Советот за безбедност, на чиј дневен ред беше безбедносната состојба во Република Северна Македонија и евро-атлантскиот регион.

Случувањата со Бугарија биле во фокусот на денешната седница на Советот за безбедност во претседателската вила Водно. Претседателот Стево Пендаровски изјави дека чествувањето на Гоце Делчев во Скопје на 4 февруари е настан од висок безбедносен ризик. Тој ќе предложи да се воведе забрана за влез во државата на бугарски државјани поради дејствијата кои ги преземаат против Македонија.

Три часа зад затворени врати денеска заседаваше Советот за безбедност во претседателската вила Водно. Главната тема на денешната 18 седница на Советот е безбедносната ситуација околу чествување на 151 годишница од раѓањето револуционерот Гоце Делчев во Скопје на 4 февруари, за што македонскот претседател Стево Пендаровски изјави дека тоа е настан од висок безбедносен ризик.

По седницата на Советот, тој изјави дека посебен фокус на седницата бил ставен на најновиот развој на настаните во односите со Бугарија, а како што вели поводот не бил само немилиот настан во Охрид затоа што тоа е само мало делче од целиот мозаик. За таа тема пред членовите на Советот, реферирале директорите на безбедносните служби. Тие најавиле дека се очекува организирана група да пристигне во Македонија на одбележување на годишнината од смртта на Гоце Делчев.

„Се работи за организирани активности од страна на структури од Бугарија кои се активирани по усвојувањето на европската преговарачка рамка во јули минатата година. Истите овие структури се веќе мобилизирани и логистички и финансиски за да го поддржат организираното доаѓање на повеќе лица во Скопје на 4 февруари кога го одбележуваме денот на раѓањето на Гоце Делчев. Според сите проценки тоа ќе биде настан од висок безбедносен ризик и надлежните органи не смеат и нема да бидат само неми набљудувачи на тоа што ќе се случува“, изјави Пендаровски.

Заедничката историска комисија на Македонија и Бугарија која е формирана во 2018 година, согласно Договорот за пријателство потпишан во 2017 година меѓу двете земји четири години не успеа да дојде до заедничка препорака за чествување на Делчев.

Заедничкото чествување од страна на политичарите на двете земји сепак имаше на одбележувањето на 150 годишнината од раѓањето на Делчев иако комисијата нема постигнато договор. Делчев загина во 1903 година во селото Баница.

Пендаровски изјави дека постојат два начини на македонски одговор, на како што вели, вакви организирани антидржавни кампањи кои ги спроведуваат политички партии и поединци.

Првиот е со културна дипломатска реторика, како досега, и тој круг на провокации кој не останува само на зборови, туку предизвикува и насилство кое нема да заврши, но ние нема да прекинеме, а вториот е со мерки кои секоја сериозна држава ги презема во такви ситуации. Затоа тој најави дека ќе и предложи на Владата да воведе забрана за влез во државата на еден пратеник во Европскиот парламент од Бугарија и на неколку други државјани на Бугарија поради дејствијата кои ги преземаат против Македонија.

„Законски услови за таква мерка постоеја и порано и сега постојат. Тоа се закана за јавниот поредок, закана за национална безбедност, закана за меѓународните односи на Северна Македонија. Тоа значи дека ако таквите лица се надвор од земјава да не им биде дозволен влез, ако веќе се внатре да им биде откажен престојот и да бидат прогласени за персона нон грата“, вели претседателот.

Во однос на тоа кои се бугарските државјани за кои зборува Пендаровски, вели дека не може да прејудицира и да прецизира кои се тие, но вели дека станува збор за лица за кои постојат сомневања дека се поврзани со руската разунавачка служба. Тој изјавата на бугарскиот министер за надворешни работи Милков за репресиите во Македонија, ја нарече страшна и како што кажа единствено може да е точна ако мисли за времето 1941-44 година, а бугарскиот технички министер го повика да ја посети Ваташа, местото каде се стрелани 12 младинци.

„На крајот, сакам да упатам една порака до надлежните институции во Бугарија, кои не се дел од овие сценарија: изолирајте ги политички луѓето кои не сакаат добрососедски односи, ние тоа го правиме и ќе го правиме кај нас. Македонија не ви е непријател, меѓутоа, оваа држава има закони, има достоинство и кога тие граници ќе бидат преминати, ние секогаш ќе реагираме за да се заштитиме. Секоја сериозна држава впрочем на светот тоа го прави, вклучително и Бугарија“, изјави претседателот.

Тој смета дека нема основа за ново вето од Бугарија. Претседателот очекува да се преземат сите можни безбедносни мерки од границата со Бугарија, па се до локацијата во Скопје каде што ќе се врши чествувањето.