За 10 години Драч ќе биде новиот Монако, најави Владата на Албанија

За 10 години Драч ќе биде новиот Монако, најави Владата на Албанија, претставувајќи два нови проекти, објави босанската филијала на Н1. Едната е изградба на ново пристаниште и луксузна населба во Драч, на местото на сегашното пристаниште, а другата е изградба на ново комерцијално пристаниште во населбата Порто Романо. Најголемото пристаниште во овој дел од светот и најмодерната населба ќе го гради „Игл Хилс“ од Обединетите Арапски Емирати.

Тоа ќе биде, велат, Монако во Албанија. Драч ќе има нова марина за бродови и јахти, населба од 12.000 луксузни куќи и апартмани, осум хотели со четири и пет ѕвезди и уредени јавни површини.

„Речиси половина од просторот каде што сега се пристаништето, контејнерите и разновиден отпад ќе се претвори во урбана средина со плоштади, паркови, детски игралишта. Владата на Албанија учествува во финансирањето на овој проект“, изјави Ерлис Харени, извршен директор на Друштвото за развој на албанските поморски пристаништа.

Владата на Албанија започнува со уште еден проект вреден 390 милиони евра, 46 отсто ќе ги финансира државата, а 54 отсто ќе инвестира фирма која ќе биде избрана на меѓународен тендер. Карго пристаништето од Драч се сели во Порто Романо, мал град блиску до градот. Ќе биде стратешки центар за трговија на Западен Балкан. Ќе отвори 1.500 работни места.

„Во пристаништето Драч годишно се претоваруваат околу пет милиони тони стока и се истоваруваат околу 180.000 контејнери. Нашиот план е тројно да го зголемиме капацитетот за претовар на контејнери во Порто Романо, а ова е голема инвестиција што ќе ја финансираат албанската влада и пристаништето Драч од меѓународен заем“, изјави директорот на пристаништето Драч, Пиро Венгу.

Проектот на новото трговско пристаниште предвидува изградба на суви пристаништа во Приштина, Скопје и други градови, како и изградба на патна и железничка инфраструктура на таа траса, која е дел од Коридорот 8.

„Ќе имаме репозиционирање на сите албански пристаништа во внатрешноста на Балканот: со железница до Приштина и понатаму до Ниш и Белград, како и преку Коридорот 8 до Скопје. Согласно договорот од самитот во Тирана, патната и железничката инфраструктура на оваа важна траса ќе се финансираат со средства на Европската унија“, рече Венгу, пренесува РТС.

slobodenpecat.mk