Малолетници со дрога и оружје во угостителски објекти

Малолетници со дрога и оружје во угостителски објекти. Некои од присутните носеле и нож. Дел, пак, немале пријавен престој во државата. Вработените како обезбедување на локалите немале договор за работа и лиценца за оружјето кое им е дел од работната опрема. Вака изгледа вчерашната саботна ноќ во Македонија, според акциската контрола на Министерството за внатрешни работи (МВР) и останатите инспекторати која беше спроведена од полноќ до 4 часот.

„Во текот на вчерашната ноќ беа контролирани угостителски објекти на 272 локации во државата и 18 казина на подрачјето на СВР Скопје и СВР Куманово. Во угостителски објект во Велес од Управата за јавни приходи се констатирани неправилности во работењето, односно дека објектот работи спротивно на законот за регистрирање на готовина“, вели Сузана Праниќ Талевска, државна советничка во одделот за односи со јавност при МВР.

Од МВР велат дека тие ќе ги спроведуваат овие контроли постојано. Апелираат до угостителските објекти да не даваат алкохол на малолетници и родителите повеќе да внимаваат кое време и каде одат нивните малолетни деца, а најмногу да обрнат внимание што конзумираат децата во нивно отсуство. Потенцираат дека сите заедно можеме да придонесеме за поголема безбедност во државата.

 

telma.mk