Момче и девојка осудени на 10 години затвор затоа што танцувале по улиците на Техеран

0
167

Иранската модна блогерка Астијаж Хакики (21) и нејзиниот вереник Амир Мохамад Ахмади (22) објавија видео на своите профили на Инстаграм на кое се гушкаат и танцуваат на улиците на Техеран, во близина на Кулата на слободата, а набргу потоа и двајцата биле уапсени. Сега, пишува Би-Би-Си, добиле комбинирана затворска казна од 10 и пол години за, како што се наведува, „промовирање на корупција, проституција и пропаганда“ и за „загрозување на националната безбедност“.

Апсењето, вели неименуван извор за Би-Би-Си, се случило недолго по објавувањето на видеото, а пред апсењето полицијата извршила претрес во станот на блогерката. Иако видеото не дава никакви индикации дека е насочено против режимот на власт или дека е дел од протестите што избувнаа низ земјата минатиот септември по смртта на Махса Амини (22), се чини дека репресивниот апарат заклучил дека уличниот танц има врска со демонстрациите.

Покрај затворските казни, тие добиле и забрана за користење на социјалните мрежи во траење од две години, а по излегувањето од затвор нема да смеат да ја напуштат државата во период од две години.

извор: Би-Би-Си