Со инвестиција од 200.000 евра до македонско државјанство

Специјализирани сајтови за инвестиции во странство ја посочуваат Македонија како поволна даночна средина, а како главен бенефит од македонскиот пасош се наведува дека со него може да се патува во 125 дестинации.

„Можете автоматски да добиете македонско државјанство со инвестирање 200.000 евра. Оние коишто ќе го добијат ова државјанство ќе имаат право на слободно движење во Хонг Конг, Јапонија, Сингапур, Турција и во европската Шенген зона, како и е-виза за Индија и пристап до вкупно 125 дестинации. Граѓаните исто така ќе имаат можност да го пренесат државјанството на идните генерации, со пристап до стратешки трговски пазар и многу повеќе“. Ова се дел од ветувањата коишто можат да се прочитаат на специјализирани интернет страници за инвестиции во странство, а коишто се наменети за бизнисмени коишто сакаат да инвестираат во Северна Македонија. Еден од нив е и сајтот на Наираметрикс (Nairametrics) – компанија за финансиски ресурси со седиште во Нигерија, со посебен фокус на финансиска писменост, застапување за инвеститори и деловна интелигенција, којшто деновиве објави текст во којшто се наведува дека „македонско државјанство по инвестиција може да се добие без минимални барања за престој или јазик.  „На македонската влада ѝ требаат богати и талентирани поединци кои можат да инвестираат во земјата и да ја поттикнат нејзината економија. Да се ​​биде државјанин значи да се обезбедат бенефиции како што се слободно движење во повеќе земји“, наведува Наираметрикс.

Инвестиција за златен пасош. Праксата за издавање на „златни пасоши“ во Северна Македонија не е новина и функционира со години наназад. Ваквата можност е уредена со член 11 од Законот за државјанството на Северна Македонија, кој предвидува дека странец кој наполнил 18 години живот може со природување да стекне државјанство ако тоа претставува особен научен, економски, културен, спортски или други национален интерес.

„Од 2005 година кога е донесена посочената Уредба (“Сл. весник на РСМ,, бр.9/05; 161/12; 255/19 и 42/21 ) заклучно со 31.12.2022 година со македонско државјанство се стекнале вкупно 121 лице од економски интерес, потоа 12 лица од културен интерес, 12 лица од научен интерес и 134 лица од спортски интерес“, велат од македонското Министерство за внатрешни работи за Дојче веле. Најголем број од државјанствата се издадени изминатите години, додека лани, според податоците на МВР, е одговорено позитивно на само две барања.

Кој може да аплицира?  Владата со уредба ги има утврдено критериумите за стекнување на ВИП државјанство. Па така, „особен економски интерес постои ако странец кој поднел барање за стекнување на македонско државјанство инвестирал капитал во износ од најмалку 400.000 евра по лице како директна инвестиција во нови капацитети, со исклучок на угостителски објекти за исхрана и трговски капацитети, со најмалку десет вработени лица на неопределено време во период од најмалку една година. Особен економски интерес, во смисла на оваа уредба постои и ако странец кој поднел барање за стекнување на македонско државјанство инвестирал капитал во износ од најмалку 200.000 евра по лице, во период од најмалку две години, во приватeн инвестициски фонд. А, тој пак треба да има минимум 5.000.000 евра почетен капитал пред поднесување на инвестициската програма пред Фондот за иновации и технолошки развој, да инвестира во поддршка на економијата, иновациите или иновативните активности, но да не инвестира во недвижности од кој било вид, освен во деловен простор за потребите на приватниот инвестициски фонд или Фондот за иновации и технолошки развој и во развојни инфраструктурни проекти. Инвестицискиот фонд, исто така, не смее да нема повеќе од 500 странци како инвеститори кои поднеле барање за стекнување на македонско државјанство.

Особен економски интерес постои и ако странец кој поднел барање за стекнување на македонско државјанство е врвен докажан менаџер во светски рамки, врвен стручњак за технологии кои не се применуваат во земјата, или пак остварува економска соработка со деловни субјекти од земјата. Но, и во случај да инвестира во областа на индустриска сопственост, иновации и технолошки развој, или пак придонесува за промоција на македонската економија во странство.

Поттик за економијата. Наираметрикс во текст во којшто ги објаснува сите чекори како инвеститорите да дојдат до македонско државјанство посочува дека постапката може да се заврши во рок од два до пет месеци со минимална инвестиција од 200.000 до 400.000 евра без минимални барања за престој или јазик. Северна Македонија се опишува како земја во Југоисточна Европа со живописни реки и планински региони, која има просперитетна економија со добри земјоделски и трговски перспективи и богато културно наследство. Но, и со пријателска култура и како поволна даночна средина.

„Програмата за државјанство по инвестиција во Северна Македонија им овозможува на странските државјани да инвестираат во земјата и да аплицираат за алтернативно државјанство. Земјата може да се пофали со динамична економска клима и подем на земјоделството и преработувачката индустрија, одлична за деловни инвестиции и раст“, се наведува и на веб-страницата на фирмата Henley & Partners, која што се рекламира како глобален лидер за престој и државјанство по инвестиции. Секоја година, стотици богати поединци и нивните советници се потпираат на нивната експертиза и искуство во оваа област, а наведуваат дека имаат над 35 канцеларии ширум светот.

Од македонското Министерството за внатрешни работи велат дека сите барања коишто ќе пристигнат до нив се доставуваат до Владата која што носи одлуки, коишто потоа МВР ги спроведува согласно законски утврдената постапка.

Контроверзни државјанства 

Официјалните податоци покажуваат дека над 370 странски државјани изминативе години се стекнале со ВИП пасош на заслужни граѓани по различни основи по член 11 од Законот за државјанство. Согласно Законот за заштита на личните податоци, надлежните институции не објавуваат детални податоци за лицата кои се стекнале со македонско државјанство. Но, во јавноста во минатото како најконтроверзни случаи беа посочувани имињата на индискиот бизнисмен Субрата Рој и неговите синови, кои во 2013 година од страна на поранешниот премиер Никола Груевски беа најавени како големи инвеститор на Охридското крајбрежје. Летото 2013 година, постариот син на Субрата – Семанто Рој се одомаќини, добивајќи македонско државјанство, а неколку месеци подоцна „златен пасош“ доби и неговиот брат Сушанто. Но, Субрата Рој краток период потоа беше уапсен и осуден во Индија поради злоупотреби. Најавите за инвестиции пропаднаа, но семејството Субрата сѐ уште во својот џеб ги има македонските патни исправи.

Субрата Рој (во средина) во Охрид, 24.01.2013 година
Субрата Рој (во средина) во Охрид, 24.01.2013 година

Иако на специјализираните странски сајтови се наведува дека државјанството добиено со инвестиции е наследно, од МВР за Дојче веле се децидни дека „статусот стекнат согласно Уредбата за утврдување на критериумите не е наследен“.

Досега, според податоците на МВР, не е одземено ниту едно македонско државјанство дадено врз основа на економски интерес на инвеститори од странство. Но, минатата година беше евидентиран еден случај на одземено државјанство  стекнато по основ на спортски интерес. На 6 декември 2022 година, Владата го поништи државјанството на руско-украинскиот државјанин Олександр Онишченко, кое претходно му било дадено на 31 мај, на иницијатива на Коњичката федерација. Според член 14 од Законот за државјанство, тоа може да се поништи, ако се утврди дека „странецот при поднесувањето на барањето дал невистинити или неточни податоци, односно се користел со лажни исправи“.

Онишченко остана без македонскиот пасош откако во јавноста се појавија информации дека во Украина од 2016 година е баран со потерница поради оштетување на државниот буџет, но и дека се наоѓа на црна листа на САД.

Извор : DW