DW: Чие мнозинство ќе постигне шах-мат?

Информација за наводна средба во Собранието меѓу лидерот на Алтернатива Африм Гаши и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, која за ТВ Клан беше потврдена само од страна на Гаши, ги засили шпекулациите по прашањето дали владиното мнозинство ќе се прошири или ќе се осипе?, пишва DW.

Во изминатиот период, од партијата предводена од Гаши реагираа дека проширувањето на владиното мнозинство со Алијанса за Албанците не треба да биде на штета на договорот меѓу Алтернатива и СДСМ од декември 2021 година. Според ресорите и раководни функции што АА би ги добила со влезот во мнозинството, евидентно е дека Алтернатива би била засегната. Досега нема детали дали премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски во разговорите со Гаши дал понуда и аргументи со кои ќе ја увери Алтернатива дека е важна нејзината натамошна партиципација во власта. Сегашните околности ја носат Алтернатива пред одлука – дали да остане или да го напушти мнозинството, а наводите дека синоќа се одржала средба Гаши – Мицкоски ги зголемија шпекулациите околу одлуката на Алтернатива.

Но, таа средба синоќа беше потврдена само од лидерот на Алтернатива, со образложение дека е во рамки на средбите со сите лидери на партии и со пратениците, а во контекст на уставните измени.

„Во Собранието имаме различни средби со сите лидери на политичките партии. Деновиве ќе имам различни средби со пратеници. Во моментов зборуваме за главната намера да се постигнат уставните измени и за бројката од 80 пратеници. Ова е многу важно за нас. Со оглед на тоа, наша должност е да се сретнеме со сите колеги и да разговараме за тоа како да ја постигнеме оваа цел што е можно поскоро. Сѐ работи за средби поврзани со функционирањето и постигнувањето на 2/3 мнозинство во Парламентот“, изјави за ТВ Клан Африм Гаши, на излегување од Собранието.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, кој од Собранието излезе заедно со координаторот на пратеничката група, Никола Мицевски, не потврди дека имал таква средба.

„Со господинот Мицевски разговараме за активностите на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во периодот што следи“, рече Мицкоски.

И откако му беше посочено дека Гаши го потврдил состанокот, Мицкоски повторно остана на истата изјава.

„Со господинот Гаши само куртоазно се поздравивме во ходникот, инаку состанокот беше со господинот Мицевски“, дециден беше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Текстот во целост на: DW