Папата Франциск: Се молиме и размислуваме како можеме да им помогнеме на жртвите од земјотресите во Туркије и Сирија

Поглаварот на Римокатоличката црква и Ватикан, папата Франциск, им оддаде почит на жртвите кои загинаа во разорните земјотреси во Туркије и Сирија и ги повика верниците и меѓународната заедница сите да размислат за тоа што би можеле да сторат за жртвите од катастрофата, известува Анадолу.

Два разорни земјотреси, првиот со интензитет од 7,7 степени по Рихтер, во понеделникот наутро во 4:17 часот по локално време, со епицентар во округот Пазарџик, и вториот во 13:24 часот, со интензитет од 7,6 степени по Рихтер, со епицентар во местото Елбистан, ги потресоа јужните делови на Туркије. Епицентрите на земјотресите се регистрирани во турската област Кахраманмараш.

Бројни спасувачки екипи сè уште ревносно работат на пребарување и спасување на луѓето затрупани во урнатините на зградите.

Папата Франциск и денес ја предводеше неделната молитва на познатиот ватикански плоштад „Свети Петар“, а во својот говор се осврна и на ситуацијата во Туркије и во северна Сирија, која е исто така погодена од земјотресите.

„Продолжуваме да бидеме со жртвите од потресите од Туркије и Сирија со молитви и конкретна поддршка“, рече папата Франциск.

Папата рече дека ги гледал потресните слики од подрачјата погодени од разорните земјотреси.

„Ги видов сликите на катастрофата и човечкото страдање. Се молиме за нив, да не ги заборавиме. Се молиме и размислуваме што можеме да сториме за нив“, порача папата.

Повикувајќи ги верниците во неделната молитва да не ја заборават ниту Украина, папата Франциск изрази желба во таа земја да се отворат патиштата на мирот и по тие патишта да тргнат одговорните луѓе кои можат да ја запрат војната.

извор:Анадолу.

фото:Анадолу.