Премиерот Димитар Ковачевски, во придружба на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска беше во посета на Ресава, во тиквешкиот регион, каде, со традиционалното закројување на лозјето, се одбележа денот на лозарите, Св. Трифун.
Честитајќи им го празникот на лозарите и производителите на вино, премиерот Ковачевски посочи на мерките на Владата на Република Северна Македонија, кои се насочени кон поддршка на лозарството и винарството.
„Во чест на празникот Св. Трифун, традиционално ги закроивме лозjaта со желба и надеж за уште една поплодна година од минатата. Денес го празнуваме трудот на луѓето кои со квалитетот на нивното вино нѐ прославуваат како држава низ светот, по што, меѓу другото, сме и почитувани насекаде.
Тука сме за да им помогнеме, да ги поддржиме, да им оддадеме признание за нивната макотрпна работа и да им дадеме уверување дека и оваа година ќе им обезбедиме квалитетни услови за работа, како што тоа го правиме континуирано и без никакви задршки. Во изминатиот период ја покажавме нашата грижа и посветеност да ги помогнеме лозарството и винарството и да ги направиме уште поконкурентни за регионалните и светските пазари“, истакна премиерот Ковачевски.
Потенцирајќи го квалитетот на нашето вино во светот, премиерот нагласи дека според бројките, има нагорен тренд во извозот на вино.
„Минатата 2022 година, вкупниот извоз на вино достигна рекордни 58 милиони евра, што е за скоро 9 милиони евра зголемување во однос на извозот од 2021 година.
Со порастот на извоз, веќе трета година по ред, бележиме континуиран раст на извозот на флаширано вино, а со тоа и постојан раст на девизниот прилив и јакнење на домашната економија.
Успеавме да го стабилизираме домашното производство на грозје со просечно производство од околу 270 илјади тони на годишно ниво. Додека, просечното годишно производство на вино е околу 100 милиони литри.
Заеднички постигнавме историски највисока откупна цена на грозјето за 2022 година“, рече премиерот, набројувајќи ја поддршката преку Програмата за финансиска поддршка во земјоделството, зголемениот износ за мерката зелена нафта, како и грантовите за малите винарници.
Тој најави дека и годинава се предвидени грантови за малите семејни винарии, кои ќе можат, преку грант од 10.000 евра, државна помош, да инвестираат во своите бизниси, а дополнително, за прв пат ќе се помогнат малите дестилерии, со грант од 5.000 евра грант, со кои ќе можат да набават опрема за производство и пакување. Премиерот Ковачевски најави и дека се подготвува нов Закон за вино, кој е усогласен со ЕУ регулативите и кој ќе придонесе за поквалитетно вино.
Исто така, се подготвува и Национална стратегија за развој на лозарството и винарството, која Владата ја носи за период од најмалку 5 години.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски изјави:
„Успешната приказна на малите семејни винарии, ќе продолжи и оваа година, со грант до 600.000 ден., а за прв пат ќе стартува нова Програма за поддршка на мали дестилерии. Новиот Закон за вино, влегува во владина постапка.
Тоа е уште еден успех, кој ќе овозможи користење на ознаките за квалитет прилагодени со законодавството на ЕУ. Лозарите и винариите ќе имаат можност да формираат здруженија во кои заеднички ќе го договараат квалитетот на грозјето, а со тоа и квалитетот на виното. Ќе се зголеми и сигурноста на лозарите бидејќи согласно новиот закон, секоја година до 15 јули, ќе се утврдува производната цена на грозјето, што ќе придонесе лозарите да добиваат достоинствени откупни цени“.
Горан Јаковлевски, претседател на здружението Тиквешки семејни винарии, се заблагодари на финансиската поддршка од страна на државата.
„Во име на здружението Тиквешки семејни винарии, во кое членуваат шеестина производители на вино и десетина, од минатата година, регистрирани производители на ракија, би сакал да ви се заблагодарам за финансиска поддршка- грант за купување на опрема за малите винарии во износ од 10.000 евра, кои, за прв пат, беа доделени минатата година.
Таа помош дојде во вистинско време на право место, таму каде што е најнеопходна на малите производители на вино. Ние посакуваме и се надеваме дека во иднина ќе бидеме главниот столб на винарството во Македонија.
Ве охрабрувам, поддршката да продолжи и понатаму и не само на производителите на вино и ракија туку и на останатите производители на храна затоа што ние достојно ја чуваме и негуваме македонската традиција“, нагласи Јаковлевски.
извор: Влада