Генијалецот Македон освои нов сребрен медал на меѓународен натпревар по математика

Браво за 8-годишниот генијалец од Тетово. Македон и оваа година успеа да се закити со медал на меѓународниот натпревар по математика „Математика без граници“ и освои сребро.

Нашиот математички генијалец Македон Димитровски (8) продолжува да реди успеси. Тој годинава освои сребрен медал по математика во натпреварот „Математика без граници“.

Гордите родители на нашиот мал математичар ги споделија убавите вести на социјалните мрежи.

Таткото на Македон, Владимир Димитровски, во изјава за CRNOBELO.com вели дека годинава имале потешкотии во пријавувањето на натпреварот, поради промена на организаторот на натпреварот за Македонија.

„Успеавме преку директните контакти со организаторите во Бугарија да ни посочат дека индивидуално едно училиште во Скопје го организира натпреварот и со добра волја на професорката од тоа училиште го примија Македон да се натпреварува“ – раскажува Владимир Димитровски.

Натпреварот „Математика без граници“ се одржа на 13-ти февруари, а учествувале 4.142 учесници од 23 земји.

За потсетување, минатата година Македон на истиот натпревар освои златен медал во зимската сесија, а медалите му беа врачени на последниот училиштен ден од минатата учебна година, кога беше организирана и посебна церемонија.

 

crnobelo.mk