Владата никако не смее да отстапи од одлуката за замрзнување на цената на лебот, туку напротив, треба да преземе мерки против фирмите кои одбиваат да произведуваат леб, вели Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии, откако пекарите останаа на одлуката да не доставуваат бел и полубел леб до маркетите, објави Фокус.
Одговорот на пекарската индустрија по владината мерка да се замрзне цената на лебот, наиде на остри реакции и негодување од јавноста. Денеска е прв ден откако осамнаа празни рафтовите каде требаше да стои лебот кој е најпродаван. Според Јовановиќ следна на потег треба да биде Владата.
-Во одлуката за замрзнување на цената, треба да пропишат дека фирмите се должни да продолжат со непречено снабдување, и дека ако не го направат тоа, ќе има строги парични казни, па и можност за преземање на производството. Во Албанија и Србија, кога се замрзнаа цените, се пропишаа и вакви одредби. Во Албанија, највисоката казна е 2 милиона евра, а државата може да ја заплени и целата залиха на производи со која располага фирмата. Па тогаш да видиме дали фирмите ќе се однесуваат вака – посочува тој.
Јовановиќ додава дека со замрзнувањето на цената, фирмите сѐ уште остваруваат добивка, иако помала.
-Тие не одат во загуба, само што добивката сега малку ќе им се намали. Вината во оваа ситуација е целосно кај пекарите, тие решија неоправдано да остават цела држава без леб, и затоа тие треба да отстапат, а притоа и да ѝ се извинат на јавноста – вели поранешниот советник на министерот за финансии.
Тој појаснува дека Владата има механизми да ги натера производителите да испорачуваат леб бидејќи тоа е јавен интерес, а јавниот интерес е над приватниот.
Текстот во целост на : fokus.mk