Воз претворен во привремено сместување за околу 1.000 преживеани од земјотресот во Хатај

Околу 1.000 лица, кои беа принудени да ги напуштат своите уништени или оштетени домови по разорните земјотреси што на почетокот од февруари ги потресоа јужните делови на Туркије, привремено се сместени во 27 вагони, од кои 22 се со кабини за спиење, на железничката станица во Искендерун во Хатај, јавува Анадолу.

Шенѓул Куртариџи е една од оние кои останаа без кров над главата по разорните земјотреси во јужна Туркије. Сега е привремено сместена во вагон од воз во кој никогаш не се возела.

Престојувајќи со сопругот и синот, 44-годишнната Куртариџи во вагонот ги пречекува и своите гости кои доаѓаат да го видат.

Куртариџи ни раскажа и за моментите кога подрачјето во кое живеел го потресе силен земјотрес.

„Станавме кога почна да се тресе. Помислив да го повикам синот. Секој од нас замина некаде. Потоа земјотресот запре и излеговме надвор. Куќата не е урната, но уништена е од внатре“, рече таа.

Куртариџи рече дека по земјотресот возот е нивен нов дом.

„Спиеме тука, засега е добро. Подобро отколку да останеме надвор. Многу луѓе се разболеа бидејќи биле надвор. Првпат сум во воз“, изјави Куртариџи.

Меѓу луѓето кои живеат во возот е и Јилмаз Џуџук, кој во вагонот е сместен заедно со својата сопруга, ќерка и внуци.

Џуџук рече дека два дена по земјотресот живееле надвор, а потоа дошле тука во возот.

Истакна дека возот во моментов е побезбеден од неговата куќа.

„Барем не го преживуваме стравот како оној во нашиот дом“, појасни Џуџук, додавајќи дека во возот живеат заедно како едно големо семејство.

извор:Анадолу.

фото: Анадолу.