Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска, заедно со министерот за економија, Крешник Бектеши, одржаа прес-конференција, на која што ги соопштија најновите владини одлуки во врска со замрзнување и намалување на цените на тестенините и млечните производи.
„Многу пати досега сум кажал дека никого нема да оставиме сам да се справува со кризата, а тоа и го мислам и го правам со подрршка од министрите во Владата.
Уште минатата година најавив дека сега не е време за изобилие, туку време кога сите треба да се издигнеме над сопствените, лични интереси и да покажеме солидарност. Одговорност од страна на компаниите, но и наша одговорност, како Влада која има механизми да влијае и да не дозволи нарушување на дисбалансот на домашниот пазар во однос на понудата и побарувачката.
Се замрзнува, односно намалува цената на тестенините, кое намалување се предлага да биде за 1 5%, на цената која се применува во трговијата на мало на 1 март 2023 година, односно во просек за околу 8,00 – 9,00 денари. Се работи за тестенини, односно за макарони и шпагети“, истакна премиерот Ковачевски, на денешната прес-конференција.
Премиерот Ковачевски посочи дека, исто така се замрзнуваат и цените на млечните продукти, меѓу кои на млекото, урдата, сирењето, кашкавалот, павлаката, киселото млеко и јогуртот.
„Во изминатиот период, Владата на Северна Македонија презеде механизми со цел да излезе во пресрет на потребите на граѓаните, компаниите, бизнисите и генерално, преку тоа да влијае на стабилноста на домашниот пазар.
Во таа насока, во текот на 2022 година донесовме два пакети антикризни мерки во износ од над 760 милиони евра, поддршка на стопанството и граѓаните, која ќе остане запаметена како највисока поддршка во регионот во време кога се затвораа компании, се отпуштаа масовно работници и кога цените почнуваа да одат по нагорен тренд.
Помогнавме и парично, но и со субвенции, меѓу кои, субвенциите на електричната енергија, со што значително влијаевме врз намалување на трошоците на компаниите и ублажувањето на ценовниот шок“, потенцираше премиерот Ковачевски.
Министерот за економија, Крешник Бектеши појасни детали за новите владини одлуки:
„По спроведената анализа на Министерството за економија, донесовме одлука да се замрзнат цените на дел од млечните производи, како и дел од тестенините.
Со тоа цените се намалуваат за 10% за млечните производи и 15% за тестенини и оваа одлука ќе се применува од 16 март до 31 мај 2023.
Во делот на тестенините донесовме одлука за укинување на царината. Само со укинување на царината кај тестенините според пресметките нивната цена се намалува за 8-9 денари во просек во малопродажба. Очекуваме намалувањето да биде и поголемо“, нагласи министерот за економија, Бектеши.
Тој најави дека е можно намалување на цените и на други производи.
„Ќе ни останат шеќерот, јајцата од кокошка и македонски ориз, за кои, следната недела ќе се направат анализи. Можно е да бидат замрзнати и овие цени.
Идната недела ќе се направат анализи и ќе се утврди дали ќе бидат замрзнати цените и на шеќерот, јацата и оризот“, рече министерот за економија, Бектеши, додавајќи дека цените на овие производи најверојатно ќе се замрзнат ако производителите не ги намалат.
извор: Влада