„Владата на Република Северна Македонија преку политиките за реформа на истражните институции, правосудството, обвинителството, создава слободни и независни институции, ослободени од партиски, политички и бизнис интереси“, појаснува за „Трилинг“ премиерот Ковачевски. „Членството во ЕУ ќе овозможи државата да има европско обвинителство и судство“, вели премиерот Ковачевски. Владата се залага да се изгласа буџет кој потоа е управуван од страна на судството и обвинителството и подготвува законски решенија кои се усогласени со законодавството во ЕУ.
„Дел од тие законски решенија веќе се спроведуваат, меѓутоа дел од тие решенија не се донесени, бидејќи се блокирани од опозицијата. Јас секогаш кажувам и ќе продолжам да кажувам дека судството и обвинителството мора да работат независно од било какви политички и бизнис интереси. Јас никогаш не ги генерализирам сите, дека сè не чини, или дека сè чини, доколку е составено од поединци. Секогаш треба да се унапредува, во секој систем, тука мислам и на правосудниот систем. Тоа унапредување да се прави преку органите коишто ги има, идентификување на оние коишто се добри, идентификување на оние коишто треба да се унапредат. Меѓутоа и идентификување на оние коишто можеби не ја извршуваат работата на начин на којшто треба да ја извршуваат“, вели премиерот Ковачевски.
Зајакнување на постоечките и создавање нови системски решенија за спречување на корупцијата на сите нивоа, во целост може да се постигне единствено со членство на Северна Македонија во ЕУ. Премиерот посочува дека минатата година МВР има идентификувано 164 случаи на корупција во коишто се вклучени поединци или правни лица. Стапката на криминалитет во текот на 2022 година е намалена за 33% во однос на претходната година, а во овие први два месеци од оваа година се бележи дополнително намалување за 33%.
„Она што ни треба е постојано унапредување на секој систем и јас затоа сум еден од најголемите поборници за членство во ЕУ, бидејќи еден од клучните критериуми за влегување во ЕУ е владеењето на правото. Така ќе се детектираат сите оние области во кои треба да се унапредат во нашата држава како владеење на правото, правосудниот систем, обвинителскиот систем и други институции со цел да имаме општество кое ќе биде на исто ниво со оние општества со коишто се компарираме, односно со оние држави членки на ЕУ. Скринингот завршува со критериуми, она што државата треба да го исполни со цел да го донесе нивото на своето општество во сите области на ниво на функционирање на членка на ЕУ. Тој процес ќе не унапреди, затоа постојано велам дека во тој процес треба да учествуваат сите, не само партиите кои се во власта, туку и опозициските партии кои беа поканети да бидат дел од преговарачките тимови коишто учествуваа во скринингот. На тој начин ќе може целото општество да го даде својот придонес и да учествува во унапредување“, изјави премиерот Ковачевски во интервјуто за „Трилинг“.
извор: Влада