Индонезискиот град Бањармасин кој се наоѓа на островот Борнео е познат како град на илјада реки. Се протега на источната страна на реката Барито, а реката со генерации е дел од општествениот, економскиот и културниот живот на градот.
Подигнати куќи на столбови, водни рути наместо патишта претставуваат живописно сведоштво за живот покрај реката каде се врши и трговија. Овде се наоѓаат три познати пловечки пазари, Муара Куин, Серинг и најголемиот и најатрактивниот – Лок Баинтан.
Пловечкиот пазар Лок Баинтан кој постои уште од 18 век, денес е фасцинантна можност да се запознаете со локалната култура и да пробате дел од локалната гастрономија во исто време. Секое утро пред 6 часот традиционални чамци се упатуваат кон местото Лок Баинтан, од каде сите продолжуваат да се движат заедно неколку километри. Се тргува пловејќи сè до 9:30 часот.
Трговците со нивните преполни чамци доаѓаат кај клиентите со празни чамци. Производите што ги нудат се зеленчук, риба, овошје, традиционални колачиња и грицки. Овде сè уште доминира размената на производи како начин на плаќање, а и ценкањето е неминовен дел.
Освен самата река, која има кафена боја, сè друго е неверојатно живописно. Шарените овошја и зеленчуци кои се менуваат со сезоната, чамците обоени во живи бои и шареноликата облека на трговците го претвораат овој пазар во пловечки спектакл.
Покрај тргувањето, жителите готват на чамците, па затоа не смеете да го пропуштите појадокот на реката. Заедно со кафе или чај, ќе имате можност да пробате и вкусни традиционални закуски како што се свежо пржени банани или печива полни со различен зеленчук. До пловечкиот пазар Лок Баинтан можете да стигнете од центарот на градот со брод, што трае само околу половина час. Пазарот е позната туристичка атракција, омилена меѓу туристите и особено меѓу оние кои се занимаваат со фотографирање.
kafepauza.mk