Издадени првите дозволи за работници од Непал и Пакистан

Од почетокот на годинава заклучно со вчера од страна на Агенцијата за вработување (АВРСМ) дадени се позитивни мислења за издавање работна дозвола за странец до Министерството за внатрешни работи за две лица од Непал, 10 лица од Пакистан, додека за Бангладеш нема поднесени барања, информираат од АВРСМ за МИА.

Од Агенцијата за вработување надлежна институција за издавање работна дозвола за странец кој го има регулирано престојот во државата по друг основ (освен вработување), со поднесување барање за издавање работна дозвола во АВРСМ – надлежните центри за вработување, давање мислење врз основа на искористеноста на квотата и моменталните потреби на пазарот на труд во  Северна Македонија, во постапката за стекнување дозвола за привремен престој заради работа и издавање Потврда за регистрација на работата која ја вршат странците во државата, а за која не е потребна работна дозвола.

„Оваа надлежност произлегува од Законот за вработување и работа на странци и Законот за странци, подзаконските акти кои ја доуредуваат материјата и Одлуката за определување на квотите на работни дозволи за странци“, појаснуваат од Агенцијата за вработување.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, пак, неодамна информираше дека од почетокот на годинава преку 3.000 странски граѓани добиле дозвола да работат во земјава, а годишната квота, како што посочи е 5.000. Според него, земјава планира „увоз“ на работна сила, а најмногу кадар недостига во туризмот и градежништвото.

„На ваков начин, со отворање на нови работни места, со преквалификација и низ процесот на дуално образование ќе се подобри состојбата со пазарот на трудот и недостигот од работна сила. Долгорочното решение е доквалификација, реквалификација на нашите луѓе кои живеат тука и да се стекнат со нови вештини кои им се потребни на компаниите“, вели Битиќи, според кого увозот на работна сила не е долготрајно решение, а државата прави напори да ја подобри состојбата со недостигот на работници.

 

МИА