Димитриевски: МТСП одзема ингеренции на Општина Куманово за поставување на партиски кадар за директор во градинката „Ангел Шајче“

Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски денеска одржа прес-конференција во врска со одземените ингеренции за јавната општинска установа детска градинка „Ангел Шајче“ од Куманово.

Во продолжение, Ви го пренесуваме неговото обраќање во целост:

„Почитувани претставници на медиумите,
Почитувани граѓани,

Историјата се повторува. Пред неполни четири години на Општина Куманово до ден денеска под неразјаснети околности му беа одземени ингеренциите со градинката „Ангел Шајче“ – Куманово. И тогаш, Министерството за труд и социјална политика во нетранспарентна и недемократска постапка ја реизбра актуелната директорка на оваа институција и даде можност да менаџира со оваа установа неполни 2 децении.

Денеска, сакам да Ве информирам и вас и јавноста дека повторно ова ресорно министерство преку министерката Јованка Тренчевска врши обид за одземање на ингеренциите на Општина Куманово на јавната општинска установа детска градинка „Ангел Шајче“ – Куманово, а со тоа недвосмислено се обидува во нетранспарентна постапка вршејќи притисок на локалната самоуправа да се изнуди ново решение за директор коешто евентуално би било избрано по партиски клуч и остава простор за таков избор со еднострано постапување од нивна страна, спротивно на законот и заложбите според Уставот за децентрализација на власта во државата.

Имено, јас како градоначалник на 29 март без претходно извршен инспекциски надзор од страна на Секторот за инспекциски надзор во областа на социјалната заштита и заштита на деца којшто е под надлежност на ресорното министерство добив укажување на определени материјални и процедурални недостатоци во работата на органите на општината со кое укажување ми предочија во најкус можен рок и тоа замислете од еден ден од приемот на истото укажување, рок кој е апсолутно неразумен и не е предвиден со ниту еден законски пропис во државата којшто е во сила, ме задолжија како градоначалник да отпочнам со постапка за објавување на јавен оглас за избор на директор во ЈОУ „Ангел Шајче“ – Куманово.

Секако, од страна на општината е постапено во целост со укажувањето и на 31 март е издадено решение за објавување на јавен оглас за избор на директор во ЈОУ детска градинка „Ангел Шајче“, истото е препратено до ресорното министерство и до оваа јавна установа.

Еве го укажувањето коешто го имаме добиено, заведено кај нас на 29-ти, во службите пристигнало на 30-ти, потпишано од ресорната министерка Јованка Тренчевска и веднаш нашиот одговор и решение за објавување на јавен оглас за избор на директор во оваа јавна установа коешто е заведено кај нас уредно на 31-ви и вратено е до ресорното министерство и службено е проследено до јавната установа.

За жал, и покрај тоа што постапивме согласно законот и укажувањето, на 3-ти април од страна на ресорната министерка за труд и социјална политика Јованка Тренчевска е издадено решение за одземање на вршење на соодветни надлежности на градоначалникот на општина Куманово, а поврзани со избор на директор во оваа јавна установа.

Еве го решението со коешто повторно, по втор пат се врши обид и делумно се одземаат надлежностите на локалната самоуправа од страна на ресорниот министер којшто според мене треба да ја објасни самата постапка и како е дојдено до ова решение, бидејќи општината нема прекршено до овој момент ниту еден законски пропис.

Во експресно брзата постапка повеќе од јасно е дека со ваквите постапки од страна на ресорното министерство и владата се врши притисок врз градоначалникот и локалната самоуправа во постапки за избор на директор и во оваа јавна установа по втор пат се одземаат ингеренции во истата институција при што на ваков начин се врши целосна централизација на власта, а се суспендира директно локалната власт.

Во оваа прилика, почитувани присутвни, сакам да поставам и упатам неколку прашања.

Првично, прашање директно поставено до ресорната министерка. Дали ова е повторен обид за наметнување на кадрово решение за иден директор во јавната установа од редовите на политичка партија, т.е врвна активистка и носителка на повеќе партиски функции во мојата поранешна партија СДСМ? Дали е ова обид за прикривање на дводецениското неуспешно работење и директорување на актуелната директорка на оваа јавна институција?

Воедно, сакам да поставам прашање директно до премиерот Ковачевски и Владата, дали стои зад вакви незаконски, централистички и недемократски одлуки со кои се врши директен притисок на работењето на локалната самоуправа и нејзина целосна суспензија во делот на менаџирање и управување со ресурсите и оваа јавно општинска установа.

И директно, прашање до мојата поранешна партија и раководството на истата, дали како политичка партија заедно со сите функционери коишто доаѓаат од нејзините редови, а потекнуваат од Куманово на овој начин всушност СДСМ се одолжува на Куманово, бидејќи на сите претходни настани и митинзи на голема врата одеше слоганот „Македонија му должи на Куманово и Македонија еден ден ќе му се одолжи на Куманово“.

Всушност, ова не е одолжување, туку е обид за ставање на целосна контрола на градот и исто така еден вид на воведување на нови стандарди неприфатливи во политиката, а тоа е реваншизам кон граѓаните коишто се одлучиле на последните избори да бидат независни и да ја дадат својата поддршка таму кадешто сметаат, а не таму кадешто е изнудено“, потенцира Димитриевски.

Видео: Општина Куманово