АД ЕСМ – Енергетика продолжува со снабдувањето со топлинска енергија на корисниците во Скопје и покрај официјалното завршување на грејната сезона (15 април).
Вообичаено, грејната сезона трае од 15 октомври во тековната календарска година до 15 април во наредната календарска година и таа може да почне порано или да биде продолжена во зависност од временските услови. Доколку прогнозираната средна надворешна температура за следниот ден е еднаква или помала од 12 Целзиусови степени според податоците од Управата за хидрометеоролошки работи, грејната сезона може да биде продолжена, но најмногу до 30 април.
Количината на испорачаната топлинска енергија и времетраењето на испораката се одвиваат согласно со правилата за снабдување со топлинска енергија и мрежните правила за дистрибуција на топлинска енергија, донесени од РКЕ, која ја носи конечната одлука за почеток и за крај на грејната сезона.
Во следниов период, ЕСМ – Енергетика ќе изврши порамнување на сметките што потрошувачите ќе ги добијат за мај, јуни и за јули, согласно со количината испорачана топлинска енергија во текот на грејната сезона, односно ќе се изврши порамнување меѓу прогнозираната и реално испорачаната топлинска енергија. Висината на порамнителните сметки е различна за секој потрошувач и зависи од карактеристиките и енергетската ефикасност на објектот и, секако, од количината испорачана топлинска енергија во согласност со надворешните временски услови.
Согласно со законската регулатива, сметките за топлинска енергија се состојат од фиксен дел, кој претставува надоместок за ангажирана топлинска моќност и варијабилен дел, кој е надоместок за испорачаната топлинска енергија. Потрошувачите што ја плаќаат топлинската енергија на 12 месечни рати, од август во тековната година до април следната година, добиваат месечни сметки во кои, покрај фиксниот дел, им се пресметува и авансниот варијабилен надоместок.
фото: Архива