Почна судењето на Весна Меденица, долгогодишната претседателка на Врховниот суд на Црна Гора

0
141

Во Вишиот суд во Подгорица денес почна судењето на поранешната претседателка на Врховниот суд на Црна Гора, Весна Меденица, која се товари за повеќе кривични дела, јавува Анадолу.

Меденица е осомничена за сторени кривични дела – создавање криминална организација и противзаконско влијание. Освен Меденица, Специјалното државно обвинителство поднесе обвинение и против Милош Меденица, синот на Весна Меденица, како и Дарко Лаловиќ, Василиј Петровиќ, Бојан и Марко Поповиќ, Милица Влаховиќ Милосављевиќ, Марко Вучиница, Милорад Меденица, Лука Бакоча, Петар Милутиновиќ, Ивана Ковачевиќ, Радомир Раичевиќ, Марјан Бевења, Стево Караникиќ, Горан Јовановиќ и „Копад компани“ од Никшиќ. Тие се товарат дека користејќи го влијанието на Весна Меденица сториле кривично дело создавање криминална организација, продолжено кривично дело шверцување, продолжено кривично дело давање поткуп, примање поткуп, противзаконито влијание и поттикнување противзаконито влијание, злоупотреба на службена положба, неовластено производство, чување и пуштање во трговија со опојни дроги, овозможување консумирање наркотични дроги, недозволено држење оружје и експлозивни материи, тешка телесна повреда и спречување докази.

Весна Меденица е обвинета дека се обврзала дека ќе ја искористи својата службена положба за да посредува во одредени судски предмети што се воделе пред Високиот суд во Подгорица и Врховниот суд на Црна Гора во корист на компаниите „Фаб Лајв“ и „Цијевна комерц“, без оглед на фактичката состојба, во која ѝ помагале обвинетиот Милош Меденица и одредени членови на криминалната организација.

Во обвинителниот акт е претставено дека Милош Меденица и неговата мајка Весна примиле поткуп откако издејствувала пресуда во корист на фирмата „Фаб Лајв“. Се наведува дека сопствениците на „Фаб Лајв“ се договориле за тоа да платат 181.000 евра во противвредност на недвижен имот.

Таа се товари и дека ја поттикнувала Милица Влаховиќ Милосављевиќ, судијка од Стопанскиот суд, да ја злоупотреби службената положба во парницата и спротивно на Законот за извршување и обезбедување, да донесе привремена мерка во корист на Раде Арсиќ, кумот на Меденица, но и дека посредувала кај други колеги за извршување службени дејства спротивно на Законот за судски совет и судии, односно Законот за парнична постапка, и донесување одлука во предметот во корист на компанијата „Карин“.

Меденица беше на чело на Врховниот суд цели 17 години, до нејзината оставка на крајот на 2020 година.

извор: Анадолу.

фото: Анадолу.