Претседателот на ЈСК, Јенер: „Ердоган во водство со 49,40 отсто од гласовите“

Претседателот на Врховната изборна комисија на Туркије (ЈСК), Ахмет Јенер, рече дека, според податоците собрани до 9:45 часот по локално време, актуелниот турски претседател Реџеп Таип Ердоган освоил 49,40 отсто, а кандидатот на опозицијата Кемал Киличдароглу 44,96 отсто од гласовите, јавува Анадолу.

Јенер во своето обраќање пред новинарите ги претстави најновите податоци за резултатите од претседателските и парламентарните избори одржани вчера.

„Од вкупно 192.214 гласачки кутии во земјава, до 9:45 часот се отворени 192.187, што е околу 99 отсто. Во моментов во земјава не се отворени уште 27 гласачки кутии. Од 9.594 гласачки кутии во странство, отворени се 8.065. 1.529 гласачки кутии сè уште не се отворени во странство, а досега 84,06 отсто од гласачките кутии се отворени во странство“, рече Јенер.

„Според овие податоци, до 9 часот и 45 минути Реџеп Таип Ердоган освои 49,40 отсто од гласовите, Кемал Киличдароглу 44,96 отсто, Синан Оган 5,2 отсто, а Мухарем Инџе 0,44 отсто“, додаде тој.

Граѓаните на Туркије вчера гласаа на претседателските и парламентарни избори, избирајќи меѓу тројца претседателски кандидати и 24 политички партии и 151 независен кандидат за новото свикување на Големото национално собрание, кое има вкупно 600 пратенички места.

извор: Анадолу.

фото:Анадолу.