Во Италија се запленети 2,7 тони кокаин

На пристаништето Џоиа Тауро, кое се наоѓа во јужниот дел на Италија, се запленети 2,7 тони чист кокаин, пренесува Анадолу.

Екипите на италијанската Финансиска полиција и граничната служба на пристаништето Џоиа Тауро добија разузнавачки информации за мрежа што се протега од Јужна Америка до Медитеранот и во овие рамки извршија претрес во два контејнера што дошле од Еквадор.

Крајна дестинација на дрогата била Ерменија, каде што требало да пристигне преку грузиското пристаниште Батуми.

Како резултат на претресот на тимовите за наркотици, откриени се 2,7 тони чист кокаин што биле скриени во контејнерите полни со банани.

Се истакнува дека вредноста на запленетите наркотици изнесува над 800 милиони евра.

Во соопштението на Финансиската полиција се вели дека од јануари 2021 година досега на пристаништето Џоиа Тауро вкупно се запленети околу 37 тони кокаин.

Извор: Анадолу.

фото: Анадолу.