Во поплавите по дводневните обилни врнежи во северните италијански региони Емилија-Ромања и Марке има смртни случаи и предизвикана е штета долж јадранскиот брег на земјата.
Крајбрежната област од вчера е зафатена од силно невреме, а три лица го загубија животот, објавија денеска италијанските медиуми.
Еден маж престојувал на приземјето од својата куќа за време на поплавите и се удавил. Има извештаи и за исчезнати лица.
Провинциите Равена, Форли-Чезена, Римини и Болоња, а особено градовите Фаенца, Чезена и Форли се најпогодени, соопшти италијанската противпожарна служба и посочи дека распоредила 400 пожарникари и одговорила на 600 повици од вчера наутро.
Пожарникарите ги спасувале луѓето кои останале заробени во нивните домови покрај водата и возачите заглавени во поплавите. Во градот Чезена, каде реката Савио се излеа од коритото, службите за итни случаи спасија десетици луѓе заробени на покривите од нивните куќи.
Сликите и видеата направени од противпожарната бригада покажуваат цели улици под вода, одрони од кал што ги блокираат патиштата и полиња кои наликуваат на морски пејзажи. Според Цивилната одбрана, само во Емилија Ромања се поплавени 14 реки.
Дополнително, имаше прекини на струја во повеќе области и проблеми со телефонските врски. На терен се и италијанските спасувачки тимови за планина за да помогнат.
Според министерот за цивилна одбрана Нело Мусумечи, околу 5.000 луѓе се евакуирани.
Службите за итни случаи користеле хеликоптери за да ги доведат луѓето на безбедно.
Една жена во Фаенца пријавила дека за 10 минути водата се искачила речиси до првиот кат од нејзината куќа.
Мојата соседка беше сама во куќата со четири мали деца, таа повика на помош и никој не дојде. Останавме со нив цела ноќ, во пижами. Децата плачеа. Тоа е катастрофа, рече таа.
Цивилната одбрана ги повика луѓето на претпазливост во наредните часови. На луѓето кои не биле евакуирани, им било кажано да се засолнат на повисоките катови од зградите.