СПЦ одлучи ПОА на Вранишковски ќе се обедини со МПЦ-ОА

Православната охридска архиепископија (ПОА), на митрополитот Јован Вранишковски доби отпуст од Српската православна црква (СПЦ) за да се обедини со Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА). Ваквата одлука е донесена на Соборот на СПЦ кој се одржа во Белград од 14 до 20 мај, соопшти денеска СПЦ.

На Соборот приосуствувале и архиереји на Православната Охридска Архиепископија како и сите викарни архиереји, објави slobodnaevropa.mk.

„Соборот донесе одлука за доделување канонско ослободување на хиерархијата на оваа автономна црква од страна на СПЦ и нејзино интегрирање во Синодот на Македонската православна црква во согласност со светите канони и устави на нашите две месни цркви, како и претходно постигнатиот договор на Синодите на сите три црковни структури.

На минатиот Собор беше одлучено Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) да добие томос за автокефалност, со што ќе се надмине спорот што настана кога таа неканонско се оддели од Српската црква од автономна во целосно независен статус“.

На 25 април МПЦ-ОА соопшти дека почнува процесот на обединување со ПОА на Вранишковски.

Поглавар на ПОА беше владиката Јован Вранишковски кој што се одвои од МПЦ во 2002 година и се изјасни дека е за канонско единство со Српската православна црква. Синодот на МПЦ го сметаше Вранишковски за „расколник“ а неговата црква за нелегитимна.

Вранишковски потоа беше осуден на затворска казна од три години. Тој беше обвинет и осуден за проневера на 250.000 евра. Во февруари 2015 беше пуштен од затвор со образложение за примерно поведение, а во мај 2015 година Врховниот суд ги укина првостепена и второстепената судска пресуда. За проблемот со регистрација на ПОА како црква во земјава се водеше и спор пред судот за човекови права во Стразбур.

Заокружувањето на процесот на интеграција би значел и формално згаснување на ПОА и нејзино целосно приклучување и обединување со МПЦ-ОА како единствена македонска автокефална црква.

Македонската православна црква-Охридска архиепископија на територијата на земјава и во дијаспората е организирана во 12 епархии, од кои осум се во државата, а четири се во дијаспората.

По повеќе од половина век минатата година МПЦ се врати во канонско единство со останатиот православен свет со одлуката на Синодот на Вселенската патријаршија кој се очекува и да го додели томосот. По одлуката на Вселенската патријаршија и српскиот патријарх Порфириј му врачи томос за автокефалност на поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан, по заедничкото сослужување во Белград. Со тоа заврши црковниот раскол почнат уште во 1967 година, кога МПЦ еднострано прогласува автокефалност од Српската православна црква.

извор: slobodnaevropa.mk