„Немаме силна потпора во власта која може да биде брана на сите нелогични и аспираторски барања кои сакаат да не поништат како нација, како држава и народ кој постои со векови. Жалам и што власта ја оттурна секоја моја подадена рака за национално единство. И станува беспредметно да барам национално единство од оние кои секогаш попуштаат само да си ја спасат кожата и останат на власт и потклекнуваат на секое неразумно барање што некој ќе ни го испорача“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, проф. д-р Христијан Мицкоски вечерва од Кавадарци.
Мицкоски нагласи дека единствената брана која што ќе ја штити Македонија е ВМРО-ДПМНЕ.
„Затоа единствената брана на тој план е ВМРО-ДПМНЕ, јас и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата кои ја имаат мојата безрезервна поддршка. Секој еден пратеник од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата кој денес е во Собранието ја има неповторливата можност да стане вистински трибун на народот и да ја поправи сликата нагрдена од разно разни минати пратеници кои правеа нечесни договори на грбот на народот, на грбот на Македонија. Верувам дека оваа генерација на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата заедно со мене, со раководството на партијата го носи најголемиот товар да не попушти пред сите притисоци и убедувања за уставни измени затоа што не смееме да го разочараме народот“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски додаде дека од власта лесно коленичат пред канцеларии и кодошат по амбасади, затоа што во нив го гледаат спасот на своите бедни политички кариери.
„Ние од ВМРО-ДПМНЕ единствено служиме на народот и на Македонија и затоа имаме обврска да градиме мостови и пријателства со светот. Но при секоја вградена тула, појдовната точка да ни биде интересот на граѓаните и националните позиции на кои никогаш нема да им завртиме грб“, појасни тој.
Мицкоски посочи дека од власта ја виткаат кичмата пред разно разни авторитети, а ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата единствено што бара да се почитува мислењето и ставот на повеќе од 80 проценти од населението кое порачува не за уставни измени.
„И ви кажувам дека уставни измени под бугарски диктат и под овие околности нема да има. Овие работи кои сега ги говорам истите ќе ги кажам и на лидерската средба која од власта најавуваат дека ќе се случи“, порача Мицкоски.
„Потребна е оставка на владата, народот да излезе масовно на избори и да одбере иднина. Време е на сцена да застане еден блок кој ќе се обедини околу иднината на сите луѓе затоа што Македонија е за сите луѓе. Потребно е да се позанимаваме со реалните проблеми на луѓето каде седи изворот на она што ја тишти и силно потиснува оваа нација. Најавувам блок кој ќе се соедини околу најважните интереси на Македонија, каде ќе се обединиме многу субјекти од сите партии и групации кои се вистински заинтересирани Македонија да е на сите и да одиме напред. Најавувам блок кој ќе понуди програма и визија, кој ќе се бори и за нови европски вредности и за економски достигнувања. Мора да се отвори нова страница во одбрана на македонскиот идентитет, на стандардот на граѓаните, страница која ќе обезбеди вистинска европска перспектива во Македонија“, истакна Мицкоски.
Мицкоски порача дека блокот треба да биде составен од сите кои сакаат Македонија да оди напред, прочистени од сите оние трули и заостанати делови кои се сидрото на Македонија.
извор: ВМРО ДПМНЕ