Почина карикатуристот Лазо Плавевски

На 69-годишна возраст, по кусо боледување почина карикатуристот, историчар на уметноста, куратор и ликовен критичар Лазо Плавевски, соопшти Музејот на современа уметност.

Плавевски e роден 1954 година во Скопје. Во текот на својата повеќе од четиридецениска професионална активност, остави значајно творечко наследство во македонскиот културен простор. Карикатурист, историчар на уметноста, куратор, ликовен критичар, кој до своето пензионирање во 2021 година работеше како кустос советник во Музејот на град Скопје. Како куратор има организирано голем број самостојни и групни изложби на современи македонски автори. Од 1995 до 2009 година е редовен соработник и член на редакцијата на списанието за визуелни уметности „Големото стакло“, издание на Музејот на современата уметност- Скопје и автор е на голем број текстови и осврти за современата македонска уметност.

Плавевски припаѓа на генерацијата карикатуристи, која на културната сцена настапи на почетокот на осмата деценија од минатиот век. Карикатури објавува од 1970 година во повеќе списанија во земјава и странство, а во 1976 година ја добива наградата GRAND PRIX на Светската галерија на карикатури во Скопје. Како карикатурист реализирал неколку самостојни проекти и учество на повеќе групни изложби

Во 1995 година ја објавува „Нема книга / карикатури 1990 – 1993“, а во 2001 година, заедно со Мирослав Грчев, книгата „Картички“. Во форма на каталог/книга во 2009 година публикуван е проектот „Неупотребливи белешки“, а во 2016 година на порталот Окно е објавена неговата електронска книга „Речитатив за Tемниот Вилает“.

На 16 април, минатата година во МСУ – Скопје беше отворена неговата самостојна изложба „На тенок мраз“, курирана од Љиљана Неделковска. На изложбата, како приказ на неговото најново творештвото, беа презентирани околу 200 оригинални и дигитални принтови на карикатури, коишто тој од 2015 година континуирано ги објавуваше на веб порталот „Окно“.

Во 2022 година заедно со своите долгогодишни пријатели и колеги како ко-куратор и автор на текст учествуваше во реализацијата на големата ретроспективна изложба на Симон Узуновски во МСУ-Скопје придружена со монографска публикација.