Голем дел од вработените во државна Кардиохирургија денеска му испратиле писмо на министерот за здравство Фатмир Меџити и му се заканиле дека колективно нема да одат на работа во знак на протест поради разрешувањето на директорот д-р Сашко Јовев, неофицијално дознаваме од вработени во клиниката.
Ваквата реакција на лекарите, но и на немедицинскиот кадар на Кардихирургија, следува откако министерот за здравство експресно му врачи отказ на директорот Јовев, а во изјава за медиумите рече дека веќе нема да толерире директори кои спијат 10 години и кои не можат да се пофалат со никакви резултати.
Како што објави Фокус, д-р Јовев добил образложение дека се разрешува поради тоа што не го послушал актуелниот министер во однос на дежурствата, поточно дека не требало да дежура, иако на тој начин им помага на помладите колеги.
– Пред една недела отворавме хибридна сала и слободно можам да кажам дека е единствена ваква во регионот. Меѓутоа, на самиот настан требаше да присуствуваат премиерот Димитар Ковачаевски и министерот Меџити. Двајцата кажаа различни термини на кои им одговара денот кога да се официјално пушти во употреба хибридната сала, но премиерот инсистираше на одреден датум со оглед на бројните активности што ги има. Се одлучивме за таа дата и тука се налути министерот, кој не се појави на самиот настан – изјавил Јовев за „Фокус“.
Според него, тоа е една од причините за разрешувањето, за кое уште нема никаков официјален допис од ресорното министерство.
Министерот за здравство, Фатмир Меџити, пак, рече дека Јовев е кадар на коалицискиот партнер СДСМ и оти тие треба да предложат друго име.
– Овие се транзиторни, минливи позиции и функции. Нема некој засекогаш тука, бесмртен да биде, ниту јас ниту некој друг, ниту директорите – нагласи Меџити.
fokus.mk