Фосили од џиновски носорог пронајдени во турска Анадолија

Фосилизирани остатоци од џиновски носорог, за кои се смета дека датираат од пред 28 милиони години, се пронајдени во Анадолија, во Црноморскиот Регион на Туркије, јавува Анадолу.

„Откритието на фосилите на џиновски носорог во Анадолија, познат како најголем копнен цицач, има големо значење за одредување на неговите миграциски маршрути и области на распространетост“, рече Неше Ојал, главен геолошки инженер на Природонаучниот музеј „Шехит Џума Даг“ при Генералната дирекција за минерално истражување и испитување во Туркије.

Фосилите се пронајдени за време на годинашните ископувања во северната турска област Чорум, изјави таа за Анадолу.

Според Дирекцијата, првите фосилни откритија се направени во 2015 година, меѓу кои има коски од горниот и долниот дел на ектремитетите, тибијата, прстите, зглобот и стапалото.

Таа истакна дека претходните примероци на џиновски носорог претежно се најдени во Монголија, Кина, Индискиот Потконтинент и во Централна Азија, но во последно време најголем дел од нив се наоѓаат во Туркије.

Новите примероци на џиновски носорог се преместени во музејот на Дирекцијата во главниот град Анкара, каде што ќе бидат реставрирани во палеонтолошки лаборатории и ќе бидат архивирани, истакна Ојал.

„Одредени примероци ќе бидат изложени и презентирани пред јавноста“, додаде таа.

 

извор:Анадолу.

фото: Анадолу.