Големи шумски пожари ја зафатија Канада, евакуирани 26.000 луѓе

Напорите за гаснење на шумските пожари во различни канадски области продолжуваат со целосна сила, изјави премиерот Џастин Трудо синоќа, јавува Анадолу.

„Ние сме со стотиците храбри жени и мажи што се борат со шумските пожари низ целата земја. Стоиме со заедниците што се евакуирани и со луѓето од брегот до брегот што минуваат низ ова болно, тешко време“, рече Трудо.

Тој истакна дека ова е „особено тешка сезона на шумски пожари“ и дека Канада соработува со многу земји, како Нов Зеланд, Јужна Африка, САД и Франција за борба против пожарите.

Канада продолжува да обучува пожарникари преку Фондот за обука за заштита од пожари, преку кој Владата планира повеќе од 425 пожарникари да бидат ангажирани и обучени оваа сезона.

„Досега во 2023 година, во Канада имаше 2.214 шумски пожари, а изгореа околу 3,3 милиони хектари. Во моментов има 413 активни шумски пожари, а 249 од нив се надвор од контрола“, рече министерот за јавна безбедност, Бил Блер.

Се проценува дека заклучно со вчерашниот ден (понеделник) од своите домови евакуирани се околу 26.000 луѓе, наведе Блер.

Канада се бори со шумски пожари од почетокот на мај.

Моментно за гаснење на пожарите ангажирани се над 1.000 пожарникари.

извор:Анадолу.
фото:Анадолу.