Судскиот совет на денешната 444-та итна седница констатираше престанок на мандатот на членовите Мирјана Радевска-Стефкова и на Зоран Герасимовски, по нивното барање да си дадат оставка.
Врховната судијка Мирјана Радевска-Стефкова изјави дека од кога е член на советот имала определени моменти на разидување во однос на заземените ставови на оваа институција. Како пример таа ги издвои одбивањето на Судскиот Совет да ги достави списите до Врховниот суд како и првите постапки кои што биле водени од страна на Судскиот совет во однос на избор на судии во повисок суд, објави slobodnaevropa.mk.
„Потоа следуваше седницата во април кога дојде до разрешување на претседателот кое според мене е незаконито. Мене ми пречеше што таа одлука е дадена без образложение, затоа што сметам дека Судскиот совет сите свои одлуки треба да ги образложи, рече Радевска-Стефкова.
Апелацискиот судија Зоран Герасимовски истакна дека во Советот дошол со определена идеологија, но, како што рече, наишол на идеолошки несогласувања со дел од Советот.
„Имајќи ги предвид последните превирања, сметам дека треба да си поднесам оставка од проста причина што сметам дека поголем придонес ќе дадам како судија во Апелацискиот суд во време кога сите судови се пренатрупани со предмети, отколку како член на Судскиот совет, дополни тој.
Апелациониот судија Зоран Герасимовски и врховната судијка Мирјана Радевска – Стефкова беа избрани за членови на Советот на непосредни избори, од редот на судиите.
Случувањата во Судскиот совет во последните месеци се тема на загриженост и од меѓународни и од домашни институции. Сериозни критики за правосудниот систем упати и холандскиот амбасадор во Скопје Дирк Јан Коп во интервју за Радио Слободна Европа каде посочи дека е ставен во „мирување “ голем проект финансиран од Холандија, осветен на зајакнување на ефикасноста, отчетноста и транспарентноста на Судскиот совет.
За помалку од пет месеци, две претседателки на Судскиот совет беа сменети, што предизвика сериозна загриженост за независноста на судството во Северна Македонија. И двете обвинија дека причина за нивната смена е политички интерес.