Десет години откако се свршија, ТВ-презентерката Татјана Стојановска и нејзиниот партнер, бизнис консултантот Михаил Китановски, вчера се венчаа пред најблиските.
Татјана и Михаил се една од најпопуларните двојки во јавноста, иако приватниот живот ретко го експонираат.
– Пред точно 10 години, на 10 јуни 2013 година, Михаил ме побара за жена на нашиот прв одмор во Грција, и тогаш по неколку месеци од запросувањето, почнавме да живееме заедно. И точно на 10-годишнината од запросувањето, вчера стапивме и официјално во брак. Регистрацијата и прославата се одржаа во хотел „Александар Палас“, заедно со нашите најблиски роднини и пријатели. Беше весело благодарение на групата „Соната“ и бисерниот глас на Кате, како и на нашите весели гости – вели Татјана за „Слободен печат“.
Таа додава дека одлуката на 10 јуни да ја официјализираат врската, токму на овој симболичен датум, ја донеле спонтано. Тања и Михаил се најсреќни што гостите весело си поминале и сѐ уште се под импресии од нивниот најважен ден.
slobodenpecat.mk