Одделението за внатрешни работи Радовиш до Основното јавно обвинителство Радовиш поднесе кривична пријава против П.С.(31) од Струга, З.А.(51) од село Дедино, општина Конче и Ц.С.(47) од село Долно Оризари, битолско.
П.С. се сомничи дека сторил кривични дела „злоупотреба на личните податоци“, „измама при добивање кредит и друга погодност“, „компјутерска измама“ и „изработка и употреба на лажна платежна картичка“. З.А. се сомничи дека сторил кривични дела „злоупотреба на лични податоци“ и „помагање“ во врска со кривичното дело „злоупотреба на лични податоци“. Додека, Ц.С. се сомничи дека сторила кривично дело „помагање“ во врска со кривичното дело „изработка и употреба на лажна платежна картичка“.
Во периодот од септември до декември 2022 година, П.С. користејќи ја социјалната мрежа фејсбук и со телефонска комуникација стапил во контакт со З.А., на кого му дал насоки да собира лични податоци, трансакциски сметки и броеви од платежни картички од лица од Радовиш, по што З.А. обезбедил податоци од три лица од Радовиш и му ги доставил на П.С..
Со податоците П.С. аплицирал за кредити во име на оштетените без нивно знаење, пристапувал и ги менувал нивни податоци во банкарскиот систем за електронско банкарство и вршел трансакции во нивно име, односно со нивни платежни картички. Поголемиот дел од паричните средства кои осомничениот З.А. ги подигал од сметки на оштетените му ги доставувал на П.С., кој во тој момент издржувал затворска казна во Затвор Издризово, а мал процент задржувал за себе.
Третоосомничената Ц.С. со ставање на располагање на нејзината банкарска сметка му овозможила на првосомничениот П.С. да располага со средствата стекнати на противзаконски начин, односно да врши електронски трансфер на парични средства од трансакциските сметки на оштетените, неовластено користејќи ги нивните платежни картички. На ваквиот начин П.С. и З.А. противправно се стекнале со имотна корист од 463.959 денари на штета на три лица од Радовиш.
курир.мк