Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) на 29 јуни во Скопје ќе организира протест за достоинство, слобода и заштита на основните верски права. Причината за протестот, како што велат, е неприфаќањето на нивните сугестии во однос на предлог-законите за матична евиденција и родова еднаквост.
Светиот Синод на МПЦ-ОА изразува особено жалење и загриженост што релевантните институции го игнорирале Соопштението од сите верски заедници, кои претставуваат 95 отсто од населението, и не ги прифатиле сугестиите во однос на Предлог-законите за матична евиденција и за родова еднаквост. Напротив, продолжуваат со постапката во скратена форма за сите собраниски филтри, за целосно носење на овие закони, за кои уште еднаш апелираме да се повлечат од процедура, бидејќи тие претставуваат сериозна закана за општеството, особено за неговата основна клетка – семејството, стои во соопштението.
Од МПЦ порачуваат дека будно ги следат случувањата и активните притисоци за носењето на овие Закони и оценува дека во ситуација мора да биде заштитено и одбрането семејството, а пред се децата.
Повикуваме во оваа борба за достоинство, слобода и заштита на основните верски права да се придружи верниот народ, граѓанските здруженија, организации и сите поддржувачи заедно да ја заштитиме нашата вера и традиција од обидот за нејзино ‘искоренување’ спомнат во член 23 т.5 од предлог-законот, и да излезат на мирен протест пред Соборниот храм ‘Свети Климент Охридски’ во Скопје на 29 јуни 2023 година во 18 часот, против донесувањето на овие закони, заклучил Синодот на МПЦ-ОА.
извор: МПЦ ОА