Судот наложи ресторан во американската сојузна држава Калифорнија да плати 140.000 долари за заостанати плати и отштета за ангажирање на лажен свештеник за извлекување „признанија“ од неговите работници, јавува Анадолу.
За време на парницата на американското Министерство за труд пред федералниот суд, вработен во „Che Garibaldi Inc.“, сопственик на ресторанот „Taqueria Garibaldi“, со локација во Сакраменто и во Роузвил, рече дека свештеникот побарал од вработените да ги „признаат нивните гревови“ и им поставувал прашања дали некогаш украле од работодавецот, дали доцнеле на работа, дали направиле нешто за да му наштетат на нивниот работодавец или дали имале лоши намери кон нивниот работодавец, се вели во соопштението на Министерството.
Властите започнаа истрага врз основа на жалбите на вработените, додека Римокатоличката епархија во Сакраменто објави дека ниту еден свештеник поврзан со нив немал никаква врска со инцидентот.
Во текот на истрагата било утврдено дека ресторанот не им плаќал прекувремена работа на вработените, при што е казнет со 140.000 долари.
Министерството за труд го опиша чинот како „бесрамен“, велејќи дека работодавецот имал за цел „да ги замолчи вработените, да ја опструира истрагата и да го спречи враќањето на неисплатените плати“.