DW: Стан во Солун, куќа на Халкидики – македонските граѓани се почесто купуваат имоти во Грција

Стан во Солун, куќа во Халкидики, луксузна вила на краците во Грција повеќе не се само недостижен сон. Интересот за купување на имоти кај македонските граѓани расне, особено по пандемијата. Енормниот пораст на цените на недвижностите во Северна Македонија, кои речиси се изедначија со вредноста на недвижности коишто можат да се купат на Егејското Море, поттикна многумина својот кеш да го инвестираат во соседството. Се купуваат станови, но и вили, кои се користат за сопствени потреби, но се почесто и за издавање. Поволната клима, која овозможува туризмот да трае и повеќе од 6 месеци, за многумина е привлечна опција да се инвестира во недвижност која што ќе се издава и ќе носи солиден приход. Македонските агенти за недвижности за ДВ велат дека имаат полни раце работа. Интерес постои, се купуваат имоти за кеш пари, а освен Грција интерес има и за ексклузивни имоти во Северен Кипар, објави dw.com.

„Ова дестинација се повеќе станува ‘мал Дубаи’“, вели за ДВ, Рада Арнаудова од Алтеа пропертис. Оваа агенција за недвижности е особено активна на социјалните мрежи нудејќи на продажба станови во Грција, но и ултра ексклузивни станови на атрактивна локација во Северен Кипар.

Социјалните мрежи преплавени со понуди

Протегајќи се југоисточно од градот Солун, Халкидики со своите три краци: Касандра, Ситонија и Атос, длабоко навлегува во Егејското море и една од најчестите дестинации за македонските туристи. Токму и на овој потег се нудат највеќе имоти за продажба.

„Одлична можност за инвестиција. Регулирана купопродажба до клуч на рака и дополнително менаџирање на недвижноста, доколку купувачот сака да ги изнајмува апартманите веднаш се склучува договор со агенција за изнајмување и одржување. Квадратури од 65м2-125м2… Флексибилни услови за плаќање.. Купопродажбата може да биде празен стан или комплет наместен. Цена од 1.400 до 2.500 евра“, се наведува во дел од огласите на агенциите, кои се споделуваат во специјализирани групи на социјалните мрежи.

Меѓу огласите може да се забележи дека се нудат на продажба станови во Неа Каликратиа изградени во 2019 година, од 25 до 40 метри квадратни, комплетно опремени, на само 200 метри од градската плажа за цена од 45 до 65 илјади евра. Во оваа цена не е вклучена агенциската провизија. Се продаваат и поексклузивни станови во Агиа Триада поголеми од 100 метри квадратни, го поглед на морето, на само 50-тина метри од плажата, чија цена достигнува и над 250 илјади евра.

Во Палини, пак, на продажба е мал хотел кој се нуди за 675 илјади евра.

Има ли интерес?

И покрај тоа што медиумите во Грција известуваат дека понудата на станбени згради во Грција секоја година се намалува, дека изградбата на нови згради е забавена, а многу станбени згради не се користат, сепак на пазарот на недвижности има голем број станови кои се нудат за продажба, особено во Солун и околината.

Текстот во целост на:dw.com