ИВЗ ѝ подаде рака на МПЦ против законите за род

Епископот Јаков ги повикаа верниците да останат смирени и да не подлегнуваат на провокации на протестот што го оргамнизира Македонската православна црква против законите за родова еднаквост и матична евиденција. Исламската верска заедница со поддршка, но не и физичко присуство, објави slobodnaevropa.mk.

Исламската верска заедница го поддржува протестот што го организира Македонската православна црква – Охридска Архиепископија против предлог – законите за родова еднаквост и за матична евиденција. Но, сепак, поддршката ќе биде само морална, со оглед на тоа од ИВЗ најавуваат дека нема физички да бидат присутни на протестот пред Соборниот храм.

На манифестацијата одржана на 28 јуни по повод Денот на Курбан Бајрам, поглаварот на ИВЗ, Реисот Шаќир Фетаху, се осврна и на темата за законите која деновиве ја бранува јавноста. Поглаварот на ИВЗ истакна дека ставот на верската заедница е дека „заштитата на традиционалните семејни вредности и по структура и по морал е сржта на едно здраво општество.

Од Исламската верска заедница велат и дека на заедничката средба од 7 мај 2023 година на која присуствувале сите поглавари на верски заедници во земјава, и православната и на католичката црква и еврјеската заедница, се согласиле дека законите за кои станува збор се спротивни на принципите на религиозните заедници и нема да бидат поддржани.

„ИВЗ историски, во минатото, сегашноста и во иднината, секогаш ќе ги брани вредностите: националните верски, морални и духовни, бидејќи заштитата на овие вредности е верска обврска за заштита на човечкото општество. Врз основа на информациите што ги имаме од Владата и Собранието, спорните закони во Собранието се повлечени од понатамошни процедури и за ова и честитаме на Владата за преземањето на таквиот чекор“, кажа поглаварот на ИВЗ во празничното обраќање.

И покрај тоа што и двата закони се се уште далеку од собраниска процедура, МПЦ – ОА, сепак, опстои на повикот за сенароден протест на 29 јуни.

Црквата повика на смиреност

Непосредно пред собирот пред Соборниот храм во Скопје, преку видео порака се обрати и Викарниот епископ Стобиски г. Јаков, во кое вели дека изразува протест единствено против содржината на законите за матична евиденција и родова еднаквост, а не протестираме против никој друг.

Им порачува на граѓаните не само да застанат во одбрана на верата, туку и да останат смирени и да не подлегнуваат на провокации на, како што велат, организации и луѓе кои перманентно го поткопуваат нашето општество и систем.

„И кога решивме во демократско општество да се собереме и тоа не на јавен простор, туку свои на своето, во Црквата своја, гледаме разработка на старото-добро сценарио каде што агресорот одново се претставува како жртва. Токму тоа се повиците кои што ги слушаме од вчера од некои невладини организации дека нашиот собир некого ќе загрози. Не се сомневам дека ќе има обиди на таков начин да се фрли сенка на Вистината, со нивните добро познати методи на праќање провокатори“, вели епископот г.Јаков.

Текстот во целост на: slobodnaevropa.mk