Телескопот Еуклид ќе ги истражува темната материја и темната енергија во универзумот

Од космодромот Кејп Канаверал во Флорида, денеска со ракета Фалкон 9 на компанијата Спејс Икс треба да биде испратен во вселената европскиот вселенски телескоп Еуклид кој ќе ги истражува двете големи мистерии на универзумот – темната материја и темната енергија.

Тие два елемента, теоријски и невидливи, сочинуваат 95 отсто од универзумот, но речиси ништо не се знае за нивната природа.

Вселенскиот брод што ќе ја го понесе Еуклид треба да полета во 15:11 часот по средноевропско време.

Се верува дека темната материја објаснува зошто, меѓу другото, галаксиите не се распрснуваат во ѕвездени јата.

Што се однесува до темната енергија, нејзиното постоење е неопходно за да се објасни забрзаното ширење на универзумот.

Во обид да се отстрани превезот од овие мистерии, мисијата на Европската вселенска агенција (ЕСА) ќе изработи тридимензионална мапа на универзумот, која опфаќа две милијарди галаксии, но само една третина се видливи за луѓето.

Третата димензија на мапата ќе биде времето. Еуклид ќе нурне во далечното минато на универзумот, создаден пред 13,8 милијарди години.

Еуклид ќе биде лоциран блиску до вселенскиот телескоп Џејмс Веб, на 1,5 милиони километри од Земјата, што ќе му гарантира трајна изложеност на сонце со соларни панели.

Неговите први слики се очекуваат во октомври, но од ЕСА велат дека ќе биде потребно многу подолго за какви било откритија, по анализата на планината податоци што се очекува да ги обезбеди Евклид.

Мисијата вредна 1,5 милијарди евра би требало да трае до 2029 година, а можеби и подолго доколку се дознае нешто повеќе за универзумот. са/Фото: ЕСА .

Извор: МИА