(ВИДЕО) Пожарот на Родос и понатаму е вон контрола, евакуирани над 30.000 луѓе

0
145

Поради големите шумски пожари на грчкиот остров Родос, евакуирани се 30.000 луѓе од загрозените подрачја, соопшти општинскиот претставник Терис Хацијоану, а пренесува локалниот информативен портал Rodiaki.gr.

„Продолжува големата спасувачка операција од областа Киотари и Лардос на Родос. Со помош на крајбрежната стража, вооружените сили и локалните власти, кои мобилизираа десетици автобуси, повеќе од 30.000 луѓе се евакуирани“, рече Хацијоану.

Нема повредени, а посетителите на Родос се безбедно евакуирани од подрачјата зафатени од пожарот, се вели во соопштението на Министерството за климатски кризи и цивилна заштита на социјалните мрежи.

Според фотографиите и видеата објавени на социјалните мрежи, ситуацијата е хаотична, а на секој можен начин, со бродови, чамци, возила, камиони, автобуси, луѓето се префрлаат на безбедни локации.

Пожарот и понатаму е вон контрола, а пожарникарите се обидуваат огнените јазици да ги задржат подалеку од хотелите и домовите.

Извор: Rodiaki.gr.