Смртоносните жештини – јасна последица на климатската криза

Екстремните топлотни бранови во Европа, САД и Кина би биле „практично невозможни“ без климатските промени предизвикани од човекот, заклучува нова научна студија.

Загрижувачки сознанија од новата анализа на научниците од истражувачката мрежа „Ворлд ведр атрибушн“ (World Weather Attribution):

промената на климата и глобалното затоплување предизвикуваат се` подолги и почести топлотни бранови.

Екстремни температури во овој месец ги држат цврсто во канџите Јужна Европа, делови од САД, Мексико и Кина – делумно живата во термометрите се искачува над 45 степени Целзиусови. Во Феникс во американската сојузна држава Аризона, на пример температурите три недели по ред не се спуштаат под 43 степени, што е рекорд.

„Улогата на промената на климата е апсолутно огромна“, истакна експертката која ја истражува климата, Фридерике Ото од Кралскиот колеџ во Лондон. Ото и нејзините колеги користеле компјутерски модели на симулации за споредување на денешната клима со онаа во минатото. Притоа тие се концентрирале на периоди во кои жештината во секој регион била најопасна.

Во минатото во принцип било невозможно вакви катастрофални топлотни брановида доаѓаат во исто време, вели Ото, но во иднина ќе биде уште полошо: „Се` додека трошиме фосилни горива, ќе бидеме сведоци на се` повеќе екстреми“, додава таа.

Според заклучоците од анализата, екстремни топлотни бранови во Северна Америка може да се очекуваат секои 15 години, во Јужна Европа секои десет години, а во Кина пак секои пет години. Доколку глобалното затоплување на Земјата се зголеми за два степени во однос на прединдустриската ера, екстремните бранови жештина ќе бидат и уште позачестени. Пораст на глобалното затоплување од два степени може да биде достигнат за околу 30 години, ако земјите не се придржуваат кон своите ветувања на Париската климатска конференција и не ги намалат своите емисии на штетни гасови, предупредува Ото. Таа смета дека уште постои простор за дејствување: „Мораме итно да запреме со согорување фосилни енергенси, во спротивно и натаму ќе умираат десетици илјади луѓе“.

Шефот на американската вселенска агенција НАСА, Гејвин Шмит минатата недела оцени дека јули 2023 година ќе биде сигурно најжешкиот месец не во последните сто, туку во илјадници години во светот. За ефектите не е виновен само временскиот феномен Ел Нињо, кој тукушто почнува.

Според информациите на Светската здравствена организација, горештината засилено ги оптоварува здравствените системи. Екстремните температури ги влошуваат постојните заболувања на милиони луѓе како дијабетес, астма и срцевите и заболувањата на крвотокот.

 

DW