Товарен брод со 2587 автомобили во пламен-опасност од тонење

0
135

За спасувачките екипи во прашање е секоја минута – откако на товарниот брод „Фриментл Хајвеј“, натоварен со близу 3.000 автомобили, избил пожар на 27 километри пред холандскиот остров Амеланд, спасувачките екипи се обидуваат да го изгаснат огнот и да спречат тонење.

Еден член од посадата загинал, а останатите се на безбедно, како што соопшти крајбрежната стража утрово. Товарниот брод, регистриран во Панама, бил на пат од Бремерхафен кон Порт Саид во Египет, кога избувнал пожар, за кој се претпоставува дека е предизвикан од запален електричен автомобил на бродот. Алармот за пожар до крајбрежната стража стигнал кратко по полноќ, а во меѓувреме посадата се обидувала сама да го изгасне огнот, но неуспешно. Посадата е евакуирана од товарниот брод со хеликоптери и бродови, а некои членови на екипажот скокнале во водата, обидувајќи се да побегнат од заканувачкиот пламен.

Во акцијата на гаснење на пожарот набрзо биле доведени специјални единици со  хеликоптери од Ротердам, но наглата брзина на ширење на оневозможил нивно спуштање на палубата.

Пристигнати бродови во меѓувреме се обидуваат да го изгаснат пожарот и истовремено да спречат товарниот брод да потоне, што за последица би имало блокада на една од важните поморски рути кон Германија. Освен тоа, можното тонење на опожарениот товарен брод пред холандскиот брег, како што истакнува градоначалникот на германскиот северен остров Боркум, би предизвикало катастрофални еколошки штети. „Најлошо сценарио би било потонување на бродот и неконтролирано испуштање на штетни материи во морето, како од автомбилите на него, така и од евентуално истекување на нафта“, предупреди Јирген Акерман.

 

DW