Марија Бунда Калпак ја изгуби битката со ракот на дојка, докторката која ја подигнуваше свеста за ракот

Марија Бунда Калпак ја изгуби битката со ракот на дојка.

Инспиративната македонска докторка во изминатите години ја споделуваше својата приказна за да ја подигне свеста за ракот на дојка и важноста на самопрегледувањето.

„Ракот не бира пол, години и време“ – пишуваше таа.

Во 2021 година, Марија сподели дека дијагнозата ја добила на 28-годишна возраст и оттогаш наваму редовно повикуваше жените да се самопрегледуваат, а по 40-тата година да одат на скрининг со мамографија.

Рак на гради на 28 години? Да, тоа сум јас!

Не мислев дека мене ќе ми се случи, ниту пак, дека ова некогаш ќе го пишувам 2 дена после операција.. Упс не, 2-ра операција за 2 недели.

Поминаа 7 месеци од првичната дијагноза и сега имам храброст да ја споделам оваа приказна зошто знам дека може да помогне на многумина и да ја подигнеме заедно свеста за оваа превалена болест.

Јас лично бев до пеколот и назад… И сè уште сум на патот. Не, не беше сѐ лошо и сум благодарна и заради многуте добри работи што ми ги донесе ова патување. Не е завршено, продолжува и ќе продолжи цел живот. Сепак сум уверена дека животот ни носи само онолку колку што можеме да издржиме, а тоа ќе нè направи посилни.

До сите девојки , жени – еднаш месечно правете си само преглед. Човековото тело е чудо, мислам дека не сме ни свесни колку сме силни и моќни. Ако нешто ова ме научи е дека треба да ги слушаме знаците на телото, пред да биде прекасно. Да застанеме во тишина и вистина да слушнеме. Животот е многу брз и неосетно секојдневието не завлекува..исцрпува изморува. Мора да имаме механизам на справување, на враќање на мирот и среќата. Мислам дека почесто треба да сме сами со себе, во природа, гледајќи го зајдисонцето. Да си дадеме време за нас ..вежбајте, правете тоа што ја храни душата, бидете со тие што ги сакате.

Мене веќе не ме воодушевува ништо материјално, ништо што може да се купи со пари. Потребно е да, но не и доволно. Среќата и љубовта од најблиските е тоа што ме воодушевува, откривањето нови места и сонцето, цвеќињата, зеленилото, синото небо и звездите навечер. Мислам дека има многу работи за кои треба да сме благодарни, нешта што ни се случиле и што допрва ќе ни се случат. Но најбитно од се e да сме благодарни што сме тука, сега и овде и што ја имаме привилегијата да го живееме овој прекрасен живот.

Марија е мајка на две дечиња, која преку својот профил на Instagram ширеше позитивна енергија и одушевуваше со прекрасниот глас. Нејзините следбеници и пријатели сега се збогуваат со неа.

 

 

femina.mk