По повод државниот празник 2-ри Август – Илинден, честитка до граѓаните на Македонија упати Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО ДПМНЕ.
-Илинден е најсветлиот македонски ден. Илинден е симболот на македонската борба за слобода. Илинден е македонскиот темелник на државноста. Македонија и Илинден се две испреплетени нишки кои го означуваат идентитетот на секој Македонец.
Пред 120 години воден од идеалот за слобода, народот во Македонија ја започна епопејата, го посеа семето на непокорот и тоа беше крунисано со првото заседание на АСНОМ и создавањето на македонската држава. И двата Илиндена и тој во 1903 и тој во 1944 година беа меѓниците во македонската историја кои оставија неизбришлив траг во колективната меморија на Македонија.
Илинден беше и ѕвездата водилка и на сите оние кои ја сонуваа и ја изборија македонската независност на 8-ми Септември, но ќе останат и ѕвезда водилка и на сите идни генерации кои ќе се борат за Македонија.Борбата за Македонија никогаш нема престане. Таа е вечна исто како што е вечна идејата да изградиме татковина која е своја на своето, која е еднаква со сите под ова сонце и која ќе биде напредна и просперитетна. Тоа битисувало и во двата Илиндена, тоа битисува и денес.
Горди сме на нашето минато и нема да дозволиме тоа некој да ни го погази или присвои. Горди сме на нашите предци и на нивната саможртва да ја изградат Македонија. Тие се нашиот пример дека со сплотеност и одлучност можат да се постигнат сите цели.
И денес како и пред еден век се справуваме со внатрешни и надворешни предизвици, но минатото не учи дека со обединетост, достоинство и верба во правдата ќе изградиме подобра иднина.
Нека е вечен празникот Илинден.
Нека е вечна Македонија.