Република: Државата свесно нè упатува да работиме како келнери, велат здравствените работници од тимовите за трансплантација

По изјавата на д-р Светозар Антовиќ, дигестивен хирург дека на ентузијазамот секогаш му доаѓа крај и дека мора да се води сметка како ќе се мотивираат тимовите за трансплантација, до нашата редакција пристигна реакција од група медицински сестри, технички и друг среден медицински персонал, кои се дел од овие тимови, објави република.

Овие здравствени работници кои се охрабрија и покрај притисоците на своите работни места од страна на менаџерите, потенцираат дека иако максимално се вложуваат и даваат дел од себе во овој макотрпен процес, сепак одговорните доаѓаат да ги посетат само за сликање и лична промоција, без воопшто да се заинтересираат дали тие тимови се мотивирани, односно дали им е платен некаков надоместок како што е планирано во програмата за трансплантација?

Тие прашуваат за кои други поприоритетни цели се наменети тие средства, кога веќе нема за здравствениот персонал.

Тие се револтирани од досегашниот пристап и прашуваат зошто државата не води сметка за тимовите за трансплантација и кој свесно учествува во демотивација на овој високо обучен кадар за трансплантација – дали е тоа координаторот за трансплантација Маја Мојсова, министерот Меџити, Владата или сите заедно се одговорни за ваквата системска негрижа што воопшто не доликува на еден процес како што е трансплантацијата?

Исто така, здравствените работници додаваат дека на овој начин државата свесно ги упатува да работат како келнери во државите од регионот.

Извор: република