Бектеши: Жителите на Слупчане се чесни, даваат придонес поголем од ВМРО- ДПМНЕ

Слупчане и ЕВН се на чекор до договор за струјата, но наспроти ЕВН кои известија дека владата и политичките партии дале гаранции дека проблемот ќе се реши, министерот Бектеши денеска тврди дека тој и владата не биле дел од преговорите.

Бектеши ја обвини опозицијата дека шири лаги, објави Канал 5.

„Да не даваме лажни информации дека одредени места крадат или злоупотребуваат електрична енергија. Да ја гледаме големата слика за намалување на загубите. Тие се чесни и домаќини, преземаат обврски и даваат придонес, поголем од ВМРО-ДПМНЕ. Поголеми патриоти се од нив.“ изјави Крешник Бектеши, министер за економија.

Од ВМРО-ДПМНЕ претходно ја прозваа владата но и Бектеши, да даде одговори какви гаранции се дадени и дали долговите на слупчанци ќе бидат отпишани.

„Дали владата е гарант дека во Слупчане ќе се добие гарантирана месечна наплата за струја, како што бараат од 3.000 денари без разлика колку се троши? Дали владата можеби ќе им ги плати долговите на слупчанци кон приватна фирма, бидејќи парите на крајот сепак ќе бидат наплатени? Како се дозволени толкави милионски долгови, а никој не преземал мерки?“ Наум Стоилковски, портпарол ВМРО-ДПМНЕ.

Иако имаше најави, состаноците помеѓу ЕВН и Слупчане и вчера и утринава се одржале без присуство на владини претставници. И двете страни оценија дека средбите поминале во позитивна атмосфера. Но, жителите на Слупчане остануваат на ставот дека писмен договор мора да се потпише. Очекуваат тоа да се случи веќе наредната недела.

„Ќе почнат да работат со исполнети услови. Има волја да се реши, тие да си работат нивната работа, ние да плаќаме струја. Ќе овозможат плаќања на рати, кој има може оддеднаш, кој нема ќе може на рати, се ќе биде како што треба.“ Зекирија Шаини, претседател на општински совет Слупчане.

Од ЕВН соопштија дека на денешниот состанок се финализирале техничките детали за реализација на проектот за реконструкција и модернизирање на мрежата. Во понеделник треба да се одржи уште еден состанок по што ќе се спроведе проектот.

Слупчане два пати остана без струја, бидејќи според ЕВН таму тешко се наплаќаат сметките, а не им се дозволува на екипите да влезат и да санираат дефекти. За решавање на проблемите таму, претходно интервенираше и Владата.

 

извор: Канал 5.