Судскиот совет ќе го испитува случајот со намалувањето на казната за велешанецот кој прегази дете

Заради големата разлика во изречената казна, Судскиот совет најавува дека по годишните одмори, ќе го испита случајот со изречената пресуда на Апелациониот суд во Скопје, со која 18-годишната затворска казна за Ангелче Николов, изречена од Основниот суд Велес за сообраќајна несреќа со смртни последици, е намалена на 8 години.

Советот апелира до Врховниот суд да обезбеди еднаква примена на законите од страна на судовите преку воедначување на судската пракса, посебно за кривичното дело „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“.

Ангелче Николов од Велес, на 17 декември 2022 година, во пијана состојба ја прегази 11-годишната Магдалена Иванова и побегна од местото на настанот, а притоа возел и со брзина повисока од пропишаната. Велешкиот суд го осуди на 18 години затворска казна, по која тој се жалеше на повисока инстанца.

На Николов му се судеше за две кривични дела „тешки дела против безбедноста на луѓето“ и за „не укажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода“ за сообраќајката на 17 декември минатата година. Николов по несреќата побегна од местото на несреќата и два дена се криеше од полицијата.

Апелациониот суд од Скопје на почетокот на неделава објави дека делумно е уважена жалбата на Николов, кој минатата година на 17 декември, возејќи пијан на пешачки премин во Велес усмрти 11-годишно девојче и тешко ја повреди нејзината мајка, по што избега.

 

 

slobodnaevropa.mk