Доделени дипломите на матурантите од ОСУ „Св.Климент Охридски“

На пригодна свеченост, вчеравечер во дворот на ОСУ „Свети Климент Охридски“ беа доделени дипломите на матурантите од генерацијата 2022-2023 година.

Пред присутните, во името на Општина Охрид свое обраќање имаше заменик градоначалникот, Перчо Божиновски.

-На овој прекрасен празник посветен на нашиот светител и најголем учител Свети Климент Охридски, со огромна гордост и радост се обраќам кон вас, додека стоите на прагот на новото поглавје во вашиот живот.

Денес, по четири години надградба, трудољубивост и предизвици, подготвени сте да ја завршите оваа важна фаза од вашето образовно патување. Матурата е повод да ги прославите достигнувањата и стекнатото знаење. Ова е време кога треба да се гордеете со себе и да гледате на иднината со храброст и оптимизам.

Сега, кога се наоѓате пред една од најважните крстосници во животот, кога треба да одлучите што понатаму, ве охрабрувам никогаш да не запрете. Запомнете дека успехот не е еднократно достигнување, туку континуиран стремеж кон учење и развој.

И вечерва се слуша гласот на Свети Климент Охридски со моралната мисла: ,,Тргај се од злото и прави добро!”. Ова укажување е моментот на вашето израснување како личности, но и аманет за вашиот човечки пат.

Златни деца, бродот е најбезбеден на пристаништето, но бродовите не се направени за тоа. Вашата верба е поголема од вашиот страв, затоа што како генерација пловевте и го следевте патот на успехот давајќи многу повеќе од тоа што се очекуваше од вас. Најсилните луѓе не се оние кои ја покажуваат својата сила, туку оние кои водат битки за кои не знае никој од нас. Верувавте во вашите вештини и знаење и тоа се исплати, затоа што никогаш не се откажавте од тоа што сте го наумиле. И успеавте, најдобри од најдобрите, а тоа го може само Авангардата.

Бидете благодарни на Гиманзијата која неуморен стремеж ѝ е да ја доведе вашата морална, интелектуална и физичка природа до совршенство за да можете да дадете најголем можен придонес за себе и за другите. И  да, сигурно знам, научивте дека клучот до успехот се дисциплината и знаењето. Сега како цврсти личности вие сте најголемото богатство кое може да се понесе со себе. Само големи работи очекувам од секој од вас.

Продолжете посветено, чесно, етички и со голем труд да ја минувате животната патека. Без разлика каде ќе ве одведе следниот чекор во вашето патување, верувајте во вашите способности и осмелете се да ги остварите најубавите соништа.

Но, кога ќе ги достигнете височините и кога ќе ги берете плодовите на успехот, сетете се и бидете благодарни на вашите професори, за  мудроста и за инспирацијата која несебично ви ја даваа; на вашите родители за неизмерната љубов и разбирање и на вашите пријатели за постојаната поддршка.

Убеден сум дека вештините, талентите и идеите кои ги поседувате, ќе дадат огромен придонес за просперитетно општество и дека ќе бидат важен столб за иднината на Охрид и Македонија. Посакувам да бидете достоинствени и успешни професионалци, вредни за почит и пофалба.

Почитувани, Во мое лично име и во името на градоначалникот Кирил Пецаков примете најискрени честитки за вашето матурирање, нека вашата иднина биде исполнета со светлина, успех и неверојатни можности!

Бидете живи и здрави, нека е за многу години денешниот празник и нека е вечно името на Свети Климент!, истакна Божиновски во своето обраќање.