Одбележан денот на младите

Во организација на Младинскиот центар од Охрид, синоќа беше одбележан денот на младите. Во рамки на одбележувањето изминатата недела беше исполнета со низа активности во организација на младите од Охрид.

На синоќешната свеченост присутните ги поздрави заменик градоначалникот Перчо Божиноски.

– Чувствувам искрена радост, затоа што успеавме за помалку од една година од отворањето на Младинскиот Културен Центар, да покажеме дека оваа институција со својата работа ќе биде вистински центар за младите, за нивната креативност и реализација на најразлични проекти.Ние како локална самоуправа, како што ветивме, секогаш ќе бидеме силна потпора на вашите ангажмани за целосна реализација на вашите идеи, со што вие ја добивата вашата професионална сатисфакција, а тоа воедно е и добробит за пошироката заедница.Верувам дека во изминативе четири дена имавте успешна работа на вашите работилници и форуми кои ги организиравте и се стекнавте со нови вештини и знаења, кои успешно ќе ги користите во вашите идни ангажмани.Дозволете ми на крајот од моето обраќање, во името на градоначалникот Кирил Пецаков и во мое лично име да ви го честитам Светскиот ден на младите и да ви посакам добро здравје, лична среќа и освојување на нови хоризонти во вашите мечти и реални остварувања, истакна Божиноски.

Синоќешната свеченост беше збогатена со музички настап на бендот Два2 и диџејот Reli Relax. Присутните имаа можност да уживаат во изложбата на фотографии од малата Нина Ангелоска, додека најмладите беа дел од забавни игри, детска атлетика и работилница за цртање на канвас.