DW:Ни се заканува ли колапс на Голфската струја?

За почеток, најважното нешто: Голфската струја нема да колабира сама по себе, таква можност засега не ни се заканува. Таа струја, главно, ја придвижуваат ветровите. „И додека Земјата се врти, ќе има и Голфска струја“, вели Никлас Боерс. Тој е физичар и ги истражува океанските струи на Институтот за истражување на климатските влијанија во Потсдам и на Техничкиот универзитет во Минхен.

Но, Голфската струја е дел од поголемо струење, АМОК – Атлантска меридијална циркулација (Atlantic Meridional Overturning Circulation). Тоа ја пренесува водната маса преку Атлантикот, а дел од неа носи топлина и умерено време во Европа. Ако таа струја колабира, температурите, и не само во Европа, може значително да се променат. Можна е и честа појава на екстремни временски појави.

Можни значајни климатски промени
Сликите на вечна зима, кои се познати и од Холивуд, сепак не се сосема точно сценарио во случај АМОК целосно да ослабне. Во случај оваа струја да колабира, последиците за нас, кои живееме во централна Европа, веројатно воопшто не би биле толку големи. Температурите најверојатно ќе се променат за неколку степени. На север од Европа, сè уште може да биде студено и значително поладно.

Освен тоа, климата во другите делови на светот значително би се променила. На пример, зоната на тропски дождови би се „поместила“ на југ. Во Сахарската зона би преовладувала уште поголема суша. А, во областите јужно од него, во иднина би можеле да наврнат значително поголеми количества дожд.

AMOК како климатски мотор
AMOК е исто така дел од уште поголем систем на струење, таканаречен Термохалинска подвижна лента.Тоа е комбинација на морски струи, кои ги пренесуваат хранливите материи од длабочините на океанот до површината, а кислородот од површината до морските длабочини. Тоа е единствената можност за животните во морските длабочини да се снабдуваат со кислород. На дното на морето нема доволно светлина за растенијата за да функционира процесот на фотосинтеза.

AMOК е најголемиот мотор на таа „подвижна лента“. Доколку струјата колабира, може да има огромни последици по животот во сите области на океанот.

Критика на студиите
Дали АМОК навистина ќе колабира и кога? Тоа засега не е јасно. Неодамна во стручното списание „Nature Communications“ беше објавена студија која предвидува неизбежен колапс. Според властите, тоа би можело да се случи веќе во 2025 година.

Но, има и многу критики за таа студија. „Што се однесува до статистичката анализа, таа е точна во детали, но може да се забележат многу поедноставени претпоставки во однос на механичкиот опис на Атлантската меридијална циркулација“, вели Никлас Боерс за Центарот за научни медиуми.

Океанографот Јохана Баер од Универзитетот во Хамбург е исто така критична: „Лично, бев изненадена од далекусежните последици добиени од чисто математичка анализа на реалните очекувања за идниот развој на северноатлантската циркулација“. А, овие заклучоци, вели таа, не може да се изведат на начин на којшто е направено тоа.

Магичен круг?
Сепак, нема причина за загриженост: Светскиот совет за климата во својот неодамнешен извештај предвидува со голема веројатност дека струјата во Атлантикот нема целосно да колабира до крајот на овој век. Во исто време, постојат индикации дека струите слабеат. И дека колапсот на циркулацијата може да има сериозни последици до крајот на векот.

Причината зошто се оди толку далеку и зошто се смета дека е реален колапсот на струите во Атлантикот, е топењето на морскиот мраз. Кога мразот се топи, морската вода пред Гренланд веќе не е доволно „компактна“ за да потоне во оладена состојба и да „однесе“ кислород и CO2 со себе на дното на океанот. Ова потоа ќе доведе до маѓепсан круг. Имено, до сега значаен дел од CO2 произведен од луѓето на овој начин се транспортирал до морското дно. Доколку овој механизам се случува во редуциран облик, тоа би значело дека на морската длабочина се „складира“ помалку CO2, а со тоа климатските промени би се забрзале.

Загатка за истражувачите
Во исто време, експертите забележуваат уште еден феномен за кој сè уште немаат одговор или објаснување. Во текот на зимата на Антарктикот, ледените плочи се шират со толку мал интензитет, како никогаш порано во тој период од годината. Причините за тоа не се познати.

И дури и за време на летото, мразот од Антарктикот се топи побрзо од порано. Во мај беше објавено истражување во стручното списание „Nature“ кое пресметува дека поради тоа, интензитетот на океанската струја околу Антарктикот може да ослаби за околу 40 проценти до 2050 година.

И таа океанска струја е исто така дел од гореспоменатата глобална подвижна лента. Стивен Ринтул од австралиската служба за научно и индустриско истражување CSIRO е еден од авторите на студијата. Тој вели: „Антарктикот и Гренланд губат дел од мразот. Во двета ледени штитови мразот се топи. Сè повеќе луѓе мислат дека нивото на морето ќе се зголеми поради тоа. Сепак, оваа студија покажува дека има уште еден ефект, а тоа е забавувањето на океанските струи“.

 

 

DW