Избори, апсолутно не се излез ниту решение, единственото решение е да се пристапи кон уставни измени и тие да бидат поддржани од сите парламентарни партии. Овој став го искажа првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, во одговор на новинарско прашање за можноста доколку нема над 80 пратеници, дали излез би биле избори.
-Не, апсолутно не се излез изборите. Изборите не се решение. Единствено решение коешто е добро за вас, за нас, за сите граѓани, за цела наша држава, за цел наш регион е да пристапиме кон уставните измени. Да ги поддржиме консензуално и СДСМ, и ДУИ, и Алијанса, и ВМРО-ДПМНЕ и сите други политички партии кои се дел од нашето Собрание, рече Груби во Гостивар, во изјава за медиуми на „Саемот за вработување“ во организација на конзорциумот „Бехтел и Енка“, кој ги гради Коридорите 8 и 10д.
Тој посочи дека уставните се технички и не задираат воопшто во македонскиот идентитет, македонскиот јазик и дека од уставните измени, како што нагласи, нема да види никој ништо лошо.
-Гледате од текстот којшто беше усвоен од Владата и предложен во Собранието немаше апсолутно ниту една единствена критика ниту од академската, ниту од политичката јавност во нашата земја. Значи, целиот отпор во моментов е од дневно-политички мотиви за да се предизвикаат предвремени избори и да се преземе власта, а не да се најде решение. Граѓаните немаат време за политичко-партиски калкулации, потенцира Груби.
Груби напомена дека в петок ќе се отвори дебатата за уставните измени и кажа дека работат и со ВМРО-ДПМНЕ и со поединци во ВМРО-ДПМНЕ за да, како што посочи, и „тие станат дел од градењето на иднината за нашите граѓани“.
Собранието в петок и официјално започнува со работа со 123. седница на која единствена точка на дневен ред е Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија. Седницата треба да почне во 11 часот со утврдување на дневниот ред, по што треба да почне претресот за потребата од носење на уставните измени.
фото: Архива