Во Косово е уапсен Алил Демири, осуден на доживотен затвор за 5-кратното убиство кај Смилковско езеро

0
291

Косовската полиција денеска го уапсила Алил Демири кој е осуден на доживотен затвор за кривично дело тероризам, за учество и ликвидација на 5-те жртви кај Смилковско Езеро во април 2012-та.

Демири е во бегство оттогаш односно повеќе од 11 години, а избега пред реализацијата на операцијата „Монструм“ за овој грозоморен инцидент на малото вештачко езеро покрај Скопје кога беа убиени 4 момчиња од Радишани и Бутел и еден рибар од Црешово.

МВР потврди дека се известени за апсењето но без други детали, каде и како е уапсен, дали се криел или живеел слободно и дали е приведен за друго кривично дело во Косово.

Денеска (24.08.2023) полицијата на Република Косово, во соработка со македонската полиција, во Косово го лиши од слобода Алил Демири (38) врз основа на издадена меѓународна потерница од МВР на РСМ, баран врз основа на наредба на Oсновниот суд Скопје 1, за сторено кривично дело “Тероризам” предвидено по член 394 од Кривичен закон, во врска со петкратното грозоморно убиство кај Смиљковското езеро. Тој, според информациите добиени од косовската полиција, ќе биде изведен пред надлежен судија, соопшти МВР.

Демири еднаш веќе беше уапсен во Приштина, а во косовски затвор одлежа казна за нелегално држење оружје. Но и покрај барањето за екстрадиција, Косово не го испорача повикувајќи се на сомнежи дека првиот судски процес е политички инспириран. Демири излезе од косовски затвор и не беше испорачан, па не ни присуствуваше на второто судење кога повторно беше осуден на доживотен затвор како директен учесник во ликвидацијата на 5-те жртви.

извор:МВР